Ниту една земја-кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување во ЕУ.
Ова го изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во интервју за МИА.
Кос рече дека напредокот кон ЕУ го постигнуваат оние кои ги исполнуваат обврските што веќе ги презеле.
„Северна Македонија покажа дека може да постигне резултати кога има политичка волја. Ова го гледаме јасно во нејзините силни перформанси во рамките на Агендата за реформи. Ќе дојдам во Скопјe да ја охрабрам владата да го стори истото во преговорите за пристапување. Сега имаме единствена можност да постигнеме проширување. Ова доаѓа со јасни избори. Оние кои ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние кои не ги исполнуваат своите обврски заостануваат. Во моменти на забрзување, стагнацијата значи де факто регресија“, нагласи еврокомесарот.
Според неа, напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите-кандидати и земјите-членки.
„Според моето искуство, таквата доверба се гради првенствено врз два елементи: исполнување на обврските и став на земјите-кандидатки кон ЕУ и нејзините земји-членки. Ова започнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија“, рече Кос.
Таа истакна дека досега немало случај на гаранција на земја-кандидатка дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè додека последната од 27-те земји-членки не го ратификува договорот за пристапување.
„Вистината е дека ниту една земја-кандидатка никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè додека последната земја-членка не го ратификува договорот за пристапување. Така функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност“, нагласи еврокомесарот.
Коментирајќи го нон-пејперот меѓу Германија и Франција кој ја промовира постепената интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправно членство, таа рече дека процесот на пристапување бара време, но дека во денешниот свет Европската Унија не може да си дозволи да чека предолго. Кос рече дека е задоволна што ги гледа европските лидери како ја водат оваа дебата, со цел да се најдат начини, рече таа, „да се приближи ЕУ до идните граѓани многу порано“.
„По летото, Комисијата има намера да предложи нови начини за земјите-членки да ги приближат земјите-кандидатки до ЕУ пред пристапувањето. Но, има една важна точка. Ова ќе бара напредок во преговорите за пристапување. Ова останува приоритет. Без таков напредок, понатамошната постепена интеграција ќе биде ограничена“, додаде таа.
