Истрага против лихварска група од Куманово: Со закани и лажни договори изнудувале пари

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица осомничени за злосторничко здружување, изнуда и перење пари. За тројца осомничени е побаран притвор, додека организаторот и членовите на групата со години користеле закани, лажни нотарски договори и банкарски сметки на жртвите за прикривање на парите.

Обвинителството достави предлог за определување мерка притвор до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за три лица, додека четвртиот осомничен веќе извесен период се наоѓа надвор од државата.

Според истражните органи, групата ја формирал кумановец и функционирала од 2021 година. Членовите на групата ја користеле финансиската зависност на граѓани кои претходно земале позајмици, по што со сериозни закани им изнудувале значителни суми пари.

Во еден од евидентираните случаи, оштетена побарала заем од 4.000 евра, прифаќајќи устен договор да ги врати парите за еден месец со камата од 2.500 евра. Иако целиот износ бил уплатен, организаторот побарал преку нејзината трансакциска сметка да пушта во оптек пари стекнати со криминал. По нејзиното одбивање, осомничените со закани изнудиле ставање на нејзиното возило како залог, изготвиле лажен договор за купопродажба и фиктивен заем од 1.000.000 денари со фалсификуван потпис, а потоа документите ги завериле на нотар.

Со истрагата е опфатен и нотарот што ги заверил спорните документи, за кого постои сомнение за несовесно работење во службата. За него до Кривичниот суд е доставен предлог за определување мерки на претпазливост. Врз основа на фиктивната документација, сопственоста на автомобилот била префрлена на еден од членовите на групата, а жртвата била присилена дополнително да го исплати и наводниот долг.

Втор оштетен во 2021 година позајмил двапати по 180.000 денари за лекување на својата сопруга. Иако средствата биле целосно вратени, групата продолжила да бара дополнителни камати. Осомничените потоа го принудиле да ја отстапи својата банкарска сметка, преку која префрлале големи износи од изнуди под превез на формални заеми и ги повлекувале во готовина.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?