Муцунски без рок за деблокада, критиките од Брисел ги нарече „насоки“

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител не посочи рок за деблокирање на европскиот пат на Македонија, а критиките од Европската комисија ги опиша како „насоки“. Тој порача дека европската интеграција нема алтернатива, но дека Владата нема да прифати решение по секоја цена.

Коментирајќи го извештајот на Комисијата, Муцунски ја истакна усогласеноста на земјата со европската надворешна и безбедносна политика. За вкупните оценки, пак, го издвои отсуството на назадување.

„Треба да се нотира дека во ниту една област којашто ја цени Европската унија нема назадување. Тоа не е некој успех да нема назадување“, рече министерот, кој во истото објаснување заклучи: „Штом нема назадување, секаде има напредок“.

Ваквото толкување ја замаглува разликата меѓу задржување на постојната состојба и остварување резултати. Самиот министер признава дека немањето назадување не е успех, но потоа го користи како аргумент за напредок.

Сличен пристап покажа и при разговорот за судството и борбата против корупцијата.

„Има и сериозни критики и има објективна анализа. Јас тоа не би го нарекол критики, туку би го нарекол насоки за што треба да направиме за да се подобриме“, изјави Муцунски.

Преквалификувањето на критиките во насоки го остава отворено прашањето за конкретните мерки, одговорноста и роковите во кои граѓаните треба да очекуваат подобрување. Муцунски посочи дека судските органи не испорачале резултати во случаите на висока корупција.

За уставните измени и односите со Бугарија, министерот ја повтори определбата за членство во Унијата.

„Ние немаме избор како држава, земајќи го во предвид фактот дека за европската интеграција нема план Б, нема алтернатива. Ние немаме избор освен да работиме за решение. Но тоа решение мора да биде одржливо и поставено на принципиелни рамки“, порача тој.

Одговорот за временската рамка остана неодреден. Муцунски рече дека не ветиле решение во рок од шест месеци или една година и дека нема да влегуваат во авантура без да ги разгледаат последиците.

„Наш императив не треба да биде решение по секоја цена“, истакна министерот.

Така, определбата за единствениот посакуван правец е јасна, додека патот до деблокадата останува без конкретен рок во неговото обраќање. Дел од очекувањата Муцунски ги врза за промена во однесувањето на соседна Бугарија.

„Убеден сум дека доколку постои рационалност во однесувањето на нашите соседи, пред сѐ тука мислам на Бугарија, ќе се изнајде некое решение“, изјави тој

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?