Шекеринска повика на акција, никој однадвор нема да ни ги реши проблемите

Шекеринска

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, повика на поголема иницијатива, одговорност и заедништво во создавањето решенија за Македонија. Во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител ТВ, од седиштето на Алијансата во Брисел, таа порача дека малите држави можат да остварат навидум недостижни цели кога имаат амбиција и јасна визија.

„Никој ниту во Брисел, ниту во Вашингтон, ниту во Берлин нема да го смисли нашето решение“, истакна Шекеринска.

Според неа, одговорноста за напредокот почнува дома, со подготвеност да се понудат конкретни предлози и да се преземе иницијативата. Таа предупреди дека постојаното набројување на слабостите може да го парализира општеството.

„Многу често сме пасивни и знаеме само да констатираме што не чини. Кај нас како да нè парализира проблемот, а тоа е недозволиво во политиката, бизнисот и приватниот живот“, рече таа.

Шекеринска ја нагласи и важноста на брзината во предлагањето решенија, особено во околности во кои државите се обидуваат да ги приближат туѓите позиции до сопствените интереси.

„Тој што е побрз и излегува со повеќе решенија, тој победува и ја приближува позицијата кон својата“, порача таа.

Во тој контекст зборуваше и за внатрешните поделби. Според Шекеринска, постојаното спротивставување за секое прашање ја ослабува позицијата на малите држави. Компромисот за стратешките цели го опиша како начин за заедничко придвижување на државата.

Како пример за постигнување тешки цели го наведе членството во НАТО. Потсети дека пред една деценија тоа изгледало недостижно поради ветата и ограничената подготвеност за проширување на Алијансата.

Го посочи и своето именување на втората највисока функција во НАТО. Според неа, тоа искуство треба да донесе повеќе храброст и самодоверба за следните предизвици. Зборувајќи за улогата на земјата во Алијансата, ги истакна учеството во КФОР на Косово и придонесот на источното крило во Бугарија и Латвија.

Шекеринска отвори и економски агол на зголемените вложувања во одбраната. Објасни дека тие опфаќаат и воена мобилност, инфраструктура и отпорност на системите, со можности за модернизација и технолошки развој.

Според неа, државите треба да најдат начин дел од овие инвестиции да ја поттикнат домашната индустрија. Таквото насочување на средствата, оцени таа, може да придонесе за повисока продуктивност и создавање технолошки напредни, добро платени работни места.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?