Банките во Македонија претстојниов викенд ќе спроведат планирани технички прилагодувања на своите системи поради воведување нови стандарди во денарскиот платен промет од понеделник, 9 ноември. За време на зафатите можни се привремени прекини и ограничена достапност на дел од услугите, особено кај платежните трансакции.
Македонската банкарска асоцијација соопшти дека техничките интервенции се неопходни за непречена примена на новите регулаторни правила. Промените опфаќаат нови платни налози, нови шифри за целта на плаќањето и задолжително користење на платежните сметки во ИБАН-формат.
Постојните броеви на сметките на граѓаните и фирмите остануваат исти. Нивното визуелно и функционално приспособување во ИБАН-формат во апликациите за електронско и мобилно банкарство ќе го извршат самите банки.
Точните термини за прекините, опфатените сервиси и времетраењето на ограничувањата секоја банка поединечно ќе ги соопшти преку своите канали за комуникација.
Од Асоцијацијата апелираат граѓаните и компаниите навреме да ги испланираат итните плаќања и редовно да ги следат известувањата од матичните банки. Новите стандарди се дел од процесот за модернизација на националниот платен систем.

