Европа не успева да се договори кој ќе ја претставува во идните преговори за европската безбедност и решението за војната во Украина, соопшти денеска Кремљ. Од Москва порачуваат дека од европските земји досега не добиле никакви конкретни идеи или предлози.
Официјална Москва оцени дека европските држави покажуваат долготрајна неодлучност и неподготвеност да одредат преговарачи за идниот безбедносен систем на континентот.
Реакцијата доаѓа по состанокот во Брисел меѓу претставници на САД, Украина, НАТО и европските партнери, посветен на безбедносните гаранции за Киев и пошироката европска безбедносна архитектура. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп најави можност за сеопфатен договор што би ја опфатил цела Европа.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека европските сојузници мора да бидат дел од разговорите, но дека се уште не се организирани.
Според Песков, кога ќе почнат разговорите за взаемните безбедносни гаранции меѓу Русија и Украина, расправата неизбежно ќе ја зафати и иднината на европскиот безбедносен поредок. Во одредена фаза од тој процес, како што посочи тој, учеството на Европејците ќе биде неопходно.
Песков додаде дека Москва досега не добила никакви предлози од Брисел и дека европските партнери не можат да постигнат согласност кој ќе зборува во нивно име.

