Изборот на Адам Стојановски за нов претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ е проследен со сериозни обвинувања за кршење на Статутот, нееднаков третман на делегатите и оневозможена кандидатура. Студентот Марко Доневски од ФЕИТ, чиј мандат не беше верификуван, поднесе жалба до Ректоратот и пријави неовластено користење на негови лични податоци од универзитетскиот систем iKnow, објави Студентарија.
Универзитетското студентско собрание на УКИМ на 4 ноември соопшти дека за нов претседател е избран Адам Стојановски, студент на Природно-математичкиот факултет. Сепак, изборниот процес веднаш наиде на реакција од дел од студентите делегати, кои тврдат дека гласањето и подготвителните процедури биле спроведени со низа неправилности.
Еден од главните процедурални спорови се однесува на датумот за одржување на изборната седница. Според член 22 од Статутот на УСС УКИМ, датумот на седницата за избор на претседател треба да биде утврден на конститутивната седница, а самиот избор да се одржи најмалку три работни дена подоцна. Во записникот од конститутивната седница одржана на 28 октомври таков датум не бил наведен. Било одлучено делегатите дополнително по електронски пат да гласаат за терминот, а според изјавите на дел од делегатите, за конечниот датум биле известени само еден ден однапред.
Како што пишува „Студентарија“, случајот се заострува и со оспорувањето на мандатот на Марко Доневски од ФЕИТ, претходен претседател на матичното студентско собрание и делегат во УСС УКИМ. Доневски ги завршил додипломските студии на 1 септември, а на 21 октомври се запишал на магистерски студии на истиот факултет, по што истиот ден повторно бил именуван за претставник на ФЕИТ во УСС УКИМ. Неговиот мандат не беше верификуван на седницата на 28 октомври, што директно го оневозможи да поднесе кандидатура за претседател на телото.
Доневски на 29 октомври достави жалба до Ректоратот на УКИМ, во која наведува дека ги исполнува сите законски услови како редовен студент и дека за одбивањето не добил писмена одлука со образложение. Во приговорот до Верификационата комисија, тој посочува дека станува збор за ново именување, а не за продолжување на мандат, обвинувајќи дека комисијата применила двојни стандарди во однос на други делегати со нецелосна документација.
Дополнително, за време на конститутивната седница бил презентиран документ со лични и академски податоци на Доневски извлечен директно од универзитетскиот систем iKnow, кој послужил како аргумент против неговиот мандат без негова претходна согласност. Доневски бара итна истрага за тоа кој неовластено пристапил до овие информации и врз која правна основа тие биле искористени.
Во записникот стои дека за делегатите од ФЕИТ било побарано правно мислење од Сара Лалиќ, заменик-студентски правобранител на Правниот факултет, и од професорот Димитар Гелев, но во документите не е наведено кој го побарал мислењето, ниту пак е приложена неговата содржина. За сите наводи за неправилности од „Студентарија“ испратиле официјални прашања до раководството на УСС УКИМ и до Ректоратот на УКИМ.

