Неколку лица загинаа, а шестмина се водат како исчезнати по големиот пожар што избувна во зградата ОХИ во центарот на Брисел. Несреќата се случила на градилиште во близина на плоштадот Де Брукерплејн, каде што пожарот брзо се проширил низ шахтата за лифтови, создавајќи тешки услови за спасувачките екипи.
Според надлежните, дел од жртвите биле пронајдени во еден од лифтовите на објектот, додека спасувачите продолжуваат со пребарување на теренот по лицата кои сè уште се сметаат за исчезнати. Пристапот до дел од лифтовските шахти е исклучително отежнат, поради што е ангажирана и цивилната заштита.
Пожарот избувнал во утринските часови, а иако првично бил ставен под контрола, огнот подоцна се проширил кон шахтата за лифтови, каде што предизвикал посложена интервенција. Поголемиот дел од околу 200 до 250 работници кои се наоѓале во објектот биле евакуирани.
Спасувачките тимови користат термовизиски камери и специјализирана опрема за да ги пребараат тешко достапните делови од објектот. На терен се присутни пожарникари, полиција и истражители кои треба да ги утврдат причините за несреќата.
Засега не е познато што точно го предизвикало пожарот. Надлежните назначиле стручно лице за противпожарна истрага кое треба да утврди дали несреќата била предизвикана од технички проблем, условите на градилиштето или друга причина.
Зградата ОХИ е комплекс во кој има станбени единици, ресторани и други деловни простори. Несреќата предизвика голема загриженост во Брисел, а градските власти изразија сочувство до семејствата на загинатите и најавија целосна истрага за случајот.
