Марта Кос: „Европската Унија е подготвена за Црна Гора, заедно да ја поминеме завршната линија“

ФОТО: Влада на Црна Гора

Црна Гора затвори уште две преговарачки поглавја и стана првата земја кандидат што завршила повеќе од половина од работата на патот кон Европската Унија. Европската комесарка за проширување Марта Кос порача дека земјата се наоѓа во завршната фаза од подготовките за членство и дека ЕУ е подготвена да ја прими.

На меѓувладината конференција во Брисел привремено беа затворени Поглавјето 8, кое се однесува на политиката на конкуренција, и Поглавјето 29 за царинската унија.

Со тоа Црна Гора има затворено 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Сите поглавја веќе се отворени, а земјата останува лидер во процесот на проширување на ЕУ.

„Европската Унија е подготвена за Црна Гора. Потребно е заедно да ја поминеме завршната линија“, порача Марта Кос, нагласувајќи дека оваа година ќе биде клучна за европската иднина на земјата.

Таа оцени дека пристапниот процес може да биде доведен до историски крај и изрази уверување дека Црна Гора и нејзините граѓани ќе успеат да ја остварат целта. Според Кос, членството во ЕУ ќе донесе помалку проверки на границите, помалку административни пречки и полесно работење за компаниите.

Премиерот Милојко Спајиќ изјави дека земјата веќе поминала повеќе од половина од патот и дека преостанатите поглавја се во завршна фаза, а дел од нив се подготвени за затворање.

Целта на Владата е преговорите да завршат до крајот на 2026 година, а Црна Гора во 2028 година да стане 28. членка на Европската Унија.

Според Спајиќ, реализирани се повеќе од 80 проценти од обврските од Планот за раст, а наесен се очекуваат речиси 100 милиони евра европска поддршка за развој. Тој ја истакна и широката парламентарна поддршка за уставните измени поврзани со зајакнувањето на владеењето на правото.

Затворањето на поглавјата е привремено, бидејќи договорите за секоја област стануваат конечни дури по постигнувањето целосен договор за пристапување. Сепак, европските претставници оценија дека Црна Гора останува најнапредниот кандидат и дека нејзиното членство повеќе не изгледа како далечна политичка цел.

Најчитано