Се отвора шанса Македонија за игра на следното Светско фудбалско првенство

Светско фудбалско првенство

Ако му помине предлогот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, следното светско првенство во фудбал, во 2030 година, да се прошири со 64 репрезентации, не е ништо чудно фудбалската репрезентација на Северна Македонија да се најде меѓу фудбалската елита на мундијалот.  

Инфантино најави дека по завршувањето на актуелното Светско првенство, ќе почне сериозна дебата за уште едно големо проширување на Мундијалот – на дури 64 репрезентации.

Во интервју за швајцарскиот „Блувин“, тој потврди дека ќе биде разгледувана оваа идеја од надлежните тела на ФИФА, истакнувајќи дека Светското првенство треба да биде турнир за целиот свет, а не само за традиционалните фудбалски сили.

„Секоја земја треба да има право да сонува за настап на Мундијалот. Квалитетот на репрезентациите постојано расте и ако не им дадеме шанса на помалите земји, тие ќе ја загубат мотивацијата за развој“, изјави Инфантино во поткрепа на оваа негова иницијатива.

Следното Светско првенство во 2030 година ќе биде историско, бидејќи ќе се игра во шест држави, на три континенти. Уругвај, Аргентина и Парагвај ќе бидат домаќини на воведните натпревари, додека најголемиот дел од турнирот ќе се одигра во Мароко, Португалија и во Шпанија.

Идејата за 64 учесници веќе има поддршка од претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингес, кој јавно изјави дека би сакал да се игра јубилејното Светско првенство во 2030 година со толкав број репрезентации.

Од друга страна, УЕФА останува против вакво проширување, сметајќи дека тоа дополнително ќе го оптовари календарот и ќе го намали квалитетот на натпреварувањето.

Сличен став има и селекторот на Гана, Карлос Кеирос, кој предупреди дека со постојаното зголемување на бројот на учесници квалификациите, го губат своето значење.

Поддржувачите на идејата, пак, сметаат дека турнир со 64 селекции би бил поправеден, бидејќи само првите две репрезентации од секоја група би се пласирале во нокаут-фазата, без дополнителни пресметки и рангирања на третопласираните.

Инфантино и претходно се обиде да воведе Светско првенство на секои две години, но таа иницијатива не доби доволно поддршка. Сега останува да се види дали ФИФА ќе успее да ја реализира идејата за најголемиот Мундијал во историјата.

Најчитано