Македонија пристапи, Бугарија отстапи од „Коалицијата на волјата“ и ѝ сврте грб на Украина

„Коалиција на волјата“

Сите земји-членки на НАТО од Балканот – Романија, Турција, Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија и Словенија – учествуваат во таканаречената „Коалиција на волјата“. За време на завчерашниот состанок во Париз, на кој присуствуваа генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и украинскиот претседател Володимир Зеленски, уште две земји – Северна Македонија и Молдавија – официјално се приклучија на форматот.

На состанокот се дискутираа клучни прашања поврзани со европската безбедност и воздушна одбрана, вклучително и започнувањето на заедничката програма за ракетна одбрана FREYJA. Коалицијата сега обединува 40 земји.

Надоврзувајќи се на Париската декларација од 6 јануари 2026 година, овој самит им даде можност на лидерите да го разгледаат оперативното планирање на безбедносните гаранции насочени кон обезбедување стабилен и траен мир во Украина.

Романија е меѓу клучните учесници поради нејзината стратешка локација на источното крило на НАТО и нејзината улога во безбедноста на регионот на Црното Море.

Албанија е исто така дел од „Коалицијата на волјата“ и ги поддржува безбедносните иницијативи на источното крило и идните планови за стабилизација на регионот. Во анализите и листите на земјите учеснички, Албанија редовно се појавува како активен член на коалицијата, поддржувајќи заеднички безбедносни декларации.

Северна Македонија се приклучи на форматот за време на состанокот во Париз на 13 јули 2026 година, заедно со Молдавија. Во официјалното соопштение од Претседателството на Украина се нагласува: „Средбата собра претставници од 40 земји, а Молдавија и Северна Македонија се приклучија на Коалицијата“.

Северна Македонија на самитот во Париз ја претставувашепрв заменик претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали.

Грција е меѓу земјите во коалицијата кои ја поддржуваат изградбата на заедничка европска одбранбена архитектура и зајакнувањето на безбедноста на Балканот и регионот на Црното Море. Грчкиот премиер Константинос Мицотакис лично учествуваше на состанокот во Париз на 13 јули.

Турција е меѓу основачите на коалициската работна група за безбедносните гаранции на Украина од 2025 година. Земјата се смета за еден од главните фактори во планирањето на мултинационалните сили за одвраќање и безбедност во регионот на Црното Море.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ редовно ја претставува својата земја на состаноците на форматот, вклучително и на претходните состаноци во Киев. Пленковиќ постојано ја бранеше позицијата дека Хрватска ќе продолжи да обезбедува целосна политичка, воена, енергетска и хуманитарна помош на Украина. Загреб, исто така, го споделува своето специфично искуство во повоената обнова и деминирање.

Словенија, исто така, поддржува заеднички безбедносни иницијативи. На вчерашниот состанок во Париз, словенечкиот премиер изрази целосна поддршка за новите мерки на коалицијата, вклучително и зајакнување на воздушната и ракетната одбрана на Украина, ограничување на руската „флота во сенка“ и координирање на идната Мултинационална сила за Украина (MNF-U).

Непосредно пред  самитот во Париз на 13 јули 2026 година, Бугарија одби да учествува. Премиерот Румен Радев официјално објави дека земјата се повлекува од форматот, бидејќи не ги поддржува обврските за испраќање дополнителна финансиска и воена помош.

Министерот за одбрана Димитар Стојанов им рече на пратениците дека „Коалицијата на волјата“ не може да се реализира доколку не се постигне траен мир меѓу Украина и Русија. Токму траен и праведен мир е главната цел на Коалицијата.

Најчитано