Опозициската СДСМ ја обвини Владата дека манипулира со јавноста тврдејќи дека измените на Изборниот законик се услов за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите.
Во партиското соопштение, СДСМ наведува дека Европската Унија не бара донесување на Изборен законик „по мерка на една партија“, туку инсистира на кредибилни, фер и транспарентни избори, независно судство и ефикасна борба против корупцијата.
„Иако подобрувањето на изборното законодавство е дел од пошироката реформска агенда, конкретните решенија што во моментов ги предлага власта не се обврска кон Европската Унија, ниту претставуваат услов за напредок во преговарачкиот процес. Тоа се нивни сопствени предлози, а не европски“, соопштува СДСМ.
Од опозициската партија тврдат дека предложените решенија отвораат простор за манипулации и контрола на изборниот процес, особено во делот на гласањето на дијаспората, оценувајќи дека наместо да се заштити изборната волја на граѓаните, се врши притисок да се прифатат решенија што, според нив, овозможуваат изборни злоупотреби.
СДСМ оценува дека вистинската пречка за европската интеграција не е опозицијата, туку, како што наведува, неспроведувањето на суштинските реформи од страна на Владата.
„Фер избори се предуслов за ЕУ, а не закон напишан за да се обезбеди предност за власта. Сè друго е обид да се прикрие сопствената неспособност и корупција зад европската агенда“, се наведува во партиското соопштение.
