Фосил на тираносаурус рекс стар околу 67 милиони години е продаден за 50,1 милиони долари на аукција на „Сотбис“ во Њујорк, со што стана најскапиот скелет на диносаурус досега продаден на јавна лицитација.
Примерокот, познат како „Гас“, бил купен од засега необјавен купувач кој учествувал преку телефон. Наддавањето траело околу 10 минути, а цената ја надминала првичната проценка од 20 до 30 милиони долари.
„Гас“ бил откриен во Јужна Дакота во 2021 година и се смета за еден од најголемите и најцелосните примероци на Ти-рекс понудени на аукција. Скелетот е висок околу 3,8 метри и долг околу 11,6 метри.
Според податоците на аукциската куќа, фосилот е составен од 183 оригинални коскени елементи и е околу 61 отсто целосен. Посебно внимание привлекува добро зачуваниот череп, како и повеќе траги од зараснати повреди, кои укажуваат на живот во постојани борби.
Продажбата ја надмина претходната рекордна цена за фосил, постигната во 2024 година, кога стегосаурусот „Апекс“ беше продаден за 44,6 милиони долари. Пред тоа, еден од најпознатите случаи беше продажбата на Ти-рексот „Стен“ за 31,8 милиони долари во 2020 година.
Високата цена повторно ја активираше расправата меѓу палеонтолозите за продажбата на значајни фосили во приватни раце. Друштвото за палеонтологија на ’рбетници повика новиот сопственик да овозможи примерокот да биде достапен за научно истражување и јавно образование.
Во САД продажбата на фосили пронајдени на приватно земјиште е законски дозволена, но научната заедница предупредува дека највредните примероци имаат поголема вредност кога се достапни во музеи и јавни колекции.
