СДСМ обвини дека судството и обвинителството, како што велат, се ставени под контрола на премиерот Христијан Мицкоски и дека со одлуката во предметот „Талир 2“ е спасен поранешниот премиер Никола Груевски од одговорност, а одмрзнат е и партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференција, портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска изјави дека „Белата палата“, чија вредност ја процени на 14 милиони евра, како и останатиот партиски имот во вредност од околу два милиони евра, повторно се во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Кузеска, случајот покажува дека нема реформи во правосудството и дека институциите работат во интерес на власта. Таа оцени дека причините за разрешувањето на обвинителката Ленче Ристовска, одземањето на нејзините овластувања и промените во обвинителството и судството се поврзани со предметите „Талир 1“ и „Талир 2“.
Од СДСМ тврдат дека на клучни позиции биле поставени обвинители и судии блиски до власта, а дека претходно ВМРО-ДПМНЕ, додека било во опозиција, вршело притисок врз судијката која го водела предметот.
Кузеска го обвини и премиерот Мицкоски дека не презема доволно активности за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија и дека со тоа, како што рече, свесно го штити од кривична одговорност.
Од СДСМ порачаа дека „времето на правдата и одговорноста“ допрва доаѓа и најавија дека, како што наведоа, одговорност ќе има не само за Груевски, туку и за сите кои, според нив, го продолжуваат неговото политичко дејствување.
