Мобилен тим на Царинската управа спречил обид за криумчарење 2.000 вијали од медицинскиот раствор „Гадонанс“, пронајдени на повеќе скриени места во кабината на товарно возило на граничниот премин Деве Баир.
Камионот го управувал косовски државјанин вработен во транспортна компанија од Косово, кој превезувал алуминиумски профили од Турција кон Косово. При царинската контрола возачот изјавил дека нема друга стока за пријавување освен товарот наведен во документацијата.
Поради сомневање, царинските службеници извршиле детален преглед на возилото. Во кабината биле пронајдени 2.000 вијали спакувани во папки и пластични кеси, без оригинални пакувања и без документација со која би биле пријавени при преминувањето на границата.
Препаратите биле распоредени на повеќе места за кои царинските службеници оцениле дека биле користени за прикривање. Дел од вијалите биле ставени во горниот кревет, дел во фабричка преграда над возачкото седиште, а останатите во личниот багаж сместен во долниот кревет на кабината.
Запленетиот „Гадонанс“ е раствор со гадобутрол, кој се применува како контрастно средство при снимање со магнетна резонанца. Препаратот се администрира интравенски за дијагностички цели, поради што неговото складирање, транспорт и употреба се предмет на посебни здравствени и безбедносни услови.
Од Царинската управа нагласиле дека за увоз на медицински препарати се потребни соодветни дозволи, а производите мора да се превезуваат и чуваат во строго пропишани услови. Во конкретниот случај, вијалите биле транспортирани без оригинална амбалажа и сокриени во просторот наменет за престој на возачот.
Медицинските препарати се запленети, а Одделението за истраги при Царинската управа поднело кривична пријава против возачот поради основано сомнение дека сторил кривично дело криумчарење. За неговата кривична одговорност треба да одлучуваат надлежното обвинителство и судот.
Од почетокот на 2026 година, царинските службеници спречиле 13 обиди за криумчарење и заплениле околу 29.000 парчиња лекови и различни медицински препарати.
