Во Македонија денеска преовладува сончево и топло време со мала до умерена локална облачност, а во попладневните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладневните температури ќе достигнат до 38 степени, според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи.
Во делови од скопската котлината попладне не е исклучена краткотрајна локална нестабилност.
Најголемиот дел од денот ќе биде стабилен, но развојот на облачноста во попладневните часови може локално да донесе краткотраен пороен дожд и грмежи. Поради изолираниот карактер на процесите, врнежите нема да ја зафатат целата држава, а временските услови можат значително да се разликуваат и меѓу блиски населени места.
Топлото време ќе продолжи и во следните денови. Се очекува претежно сончево време со мала до умерена облачност, но попладне и натаму ќе постојат услови за локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. До недела дневните температури насекаде ќе бидат повисоки од 30 степени.
Сезонската прогноза на УХМР покажува дека во текот на летото се очекуваат температури над повеќегодишниот просек, при што најголемото позитивно отстапување е прогнозирано токму за јули.
