Руски туристи читале гласно од Библијата во Св. Софија во Истанбул, завршија во затвор

Св. Софија
Внатрешноста на Св Софија, Jorge Láscar from Australia, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Двајца руски туристи беа приведени во Истанбул откако еден од нив гласно читаше пасуси од Библијата во катедралата Св. Софија, византиски храм од 6 век кој беше претворен во џамија во 2020 година.

Двојката, Игор и Викторија Филонов, биле приведени во „Света Софија“, еден ден по пристигнувањето во Истанбул со лет од Москва. Тие се на возраст од 32 и 36 години. Органите на редот презеле мерки откако беше откриено дека двајцата гласно читаат текстови од Светото писмо.

Против приведените е отворена постапка под сомнение за „поттикнување јавна омраза и непријателство“ според член 216 од Кривичниот законик на Република Турција. Подоцна беа префрлени во Регионалната дирекција за миграција во Истанбул.

Семејството моментално е сместено во привремен сместувачки центар за странци и им се заканува депортација. Генералниот конзулат на Руската Федерација во Истанбул соопшти дека дипломатите се во постојан контакт со адвокатот ангажиран од семејството и со турските власти.

Инцидентот се случи речиси три месеци по друг сличен случај, во кој двајца грчки туристи беа приведени на горниот кат од Света Софија затоа што мавтале со знаме со византискиот двоглав орел и православната порака „Православие или смрт“. Во тоа време, суд во Истанбул им изрече условни казни од 10 месеци за „навреда на дел од општеството“, по што беа ослободени.

Света Софија е изградена во 6 век под власта на византискиот император Јустинијан I Велики и со векови била најважниот храм во христијанскиот свет. По освојувањето на Цариград од страна на Османлиите во 1453 година, таа била претворена во џамија, а во 1934 година, со декрет на основачот на секуларната турска република, Мустафа Кемал Ататурк, ѝ бил доделен статус на музеј.

Во 2020 година, претседателот Реџеп Таип Ердоган потпиша декрет за повторно отворање на храмот за муслиманско богослужение откако судот ја поништи владината одлука од 1934 година. Одлуката ги задоволи долгогодишните барања на турските исламисти и националисти, но предизвика остри реакции во православниот свет и меѓу меѓународните организации за културно наследство. Тие го опишаа чинот како тежок удар врз секуларното наследство на Турција и статусот на споменикот како заедничко светско културно богатство.

Света Софија е дел од историските области на Истанбул вклучени во списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Најчитано