СДСМ ја обвини претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека селективно се вклучува во дебатата за измените на Изборниот законик, оценувајќи дека нејзините ставови отвораат повеќе прашања отколку што нудат одговори.
Од опозициската партија реагираат на изјавите на претседателката дека актуелниот изборен модел ја дискриминира дијаспората, прашувајќи зошто, доколку се залагала за техничка влада што би обезбедила фер избори, го потпишала указот за нејзино укинување и зошто самата не предложила нов модел на техничка влада.
СДСМ ја повикува Сиљановска-Давкова да објасни и кои се, како што велат, проблемите со електронското гласање и зошто власта инсистира на модел што, според нејзините сопствени изјави, се применува во мал број држави.
Во соопштението партијата упатува критики и за, како што наведува, молкот на претседателката во однос на судските одлуки поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски и новинарот Драган Павловиќ Латас, како и за враќањето на имотот познат како „Бела палата“, оценувајќи дека станува збор за случаи кои, според СДСМ, ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот.
„Наместо тоа, претседателката избра да зборува само за делови од Изборниот законик кои одговараат на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е грижа за дијаспората, туку селективна политичка позиција која го штити режимот, а не интересот на граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Партијата оценува дека претседателката, како шеф на државата, има обврска да се залага за еднаквост пред законот за сите граѓани, а не, како што тврди, селективно да ги коментира политичките прашања.
