Цените на нафтата скокнаа 12 отсто за една недела, пазарот стравува за Хормуз и Црвеното Море

Трамп

Цените на нафтата повторно се зголемија во петочното тргување, под притисок на засилените судири меѓу САД и Иран и стравувањата дека конфликтот може дополнително да го наруши транспортот на енергенси низ теснецот Хормуз и Црвеното Море.

Суровата нафта „брент“ поскапе на околу 84,30 долари за барел, додека американската нафта ВТИ се тргуваше по околу 79,11 долари. Двата референтни вида нафта од почетокот на неделата забележаа раст од речиси 12 проценти.

Во дел од петочното тргување, фјучерсите за „брент“ достигнаа 84,93 долари за барел, а ВТИ 79,76 долари, со што беа надоместени загубите од претходната сесија. „Брент“ се движи кон трета последователна недела со раст, додека американската нафта би можела да ја заврши втората недела по ред во плус.

Главен двигател на цените останува неизвесноста околу снабдувањето од Блискиот Исток. Американските сили извршија нови воздушни напади врз цели долж јужниот брег на Иран, додека Техеран одговори со ракети и беспилотни летала насочени кон американски позиции и објекти во земјите од Персискиот Залив.

Особена загриженост предизвикува состојбата во теснецот Хормуз, низ кој пред почетокот на конфликтот минуваше приближно една петтина од светското снабдување со нафта. Бродскиот сообраќај низ теснецот е значително намален, а дел од танкерите ги одложуваат патувањата, се враќаат назад или остануваат закотвени поради безбедносните ризици.

Дополнителен притисок врз пазарот создава можноста конфликтот да се прошири и кон Црвеното Море. Според информациите на Ројтерс, Иран побарал од Хутите во Јемен да бидат подготвени да го попречат сообраќајот по оваа рута доколку американските напади бидат насочени кон иранската енергетска инфраструктура.

Истовремено загрозување на сообраќајот низ Хормуз и Црвеното Море би погодило две од најважните светски рути за транспорт на нафта, природен гас и комерцијална стока. Пазарните аналитичари оценуваат дека овие ризици веќе вградуваат дополнителна геополитичка премија во цената на суровата нафта.

Американската нафта ВТИ, доколку остане над нивото од средината на 70 долари за барел, би можела да се приближи кон 85 долари, проценуваат аналитичарите на компанијата ИГ. Сепак, понатамошното движење ќе зависи од интензитетот на нападите, состојбата на поморските рути и можноста за обновување на дипломатските контакти.

Нафтениот пазар во изминатите недели бележи изразени осцилации. На 6 јули „брент“ се тргуваше околу нивото пред последната ескалација, но повторното воведување американска поморска блокада и новите напади доведоа до нагло поскапување. Само на почетокот на оваа недела цената на „брент“ порасна за повеќе од девет проценти и достигна 83,30 долари за барел.

Продолжениот раст на цените на нафтата може да го зголеми притисокот врз транспортните и производствените трошоци, додека централните банки внимателно следат дали поскапувањето на енергенсите ќе се пренесе врз инфлацијата.

Најчитано