Продолжува битката ДУИ – ВЛЕН, Бујар Османи го презеде барјакот: Очајни сте!

Бујар Османи

ВЛЕН „ископаа“ едно соопштение за јавност од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ за негова средба со тогаш министер за надворешни работи Бујар Османи.

Го објавија како „доказ“ дека Османи со Вучиќ дискутирал за „унапредувањето на положбата на Србите во Северна Македонија“ и дека то потврдува дека, според ВЛЕН, „денес најмногу викаат за „српскиот свет“ оние кои вчера седеа на маси каде што се дискутираа теми што немаа никаква врска со албанските приоритети, додека денес се обидуваат да ги обвинат другите“.

Бујар Османи на ова возбврати дека ВЛЕН дошле до таму официјалните средби на еден министер за надворешни работи да ги претставуваат како политички определби, а секојдневното коалицирање со негирачи на независноста на Косово, негирачи на геноцидот во Сребреница и релативизатори на Охридскиот рамковен договор да го претставуваат како нормалност.

Според оваа логика, истакнува Османи, требало да биде обвинет Албин Курти затоа што се среќава со Александар Вучиќ, Доналд Трамп затоа што се среќава со претседателот на Кина, или кој било министер за надворешни работи во светот затоа што се среќава со своите колеги од земји со кои има несогласувања.

Дипломатијата не е средба со оние со кои се согласуваш. Дипломатијата постои токму за да се среќаваш со оние со кои не се согласуваш, за да ги браниш интересите на својата држава и да ги унапредуваш нејзините позиции.

Османи им објаснува на ВЛЕН дека дипломатските средби се уставна и законска обврска. Коалицирањето е политички избор. Тоа се две сосема различни работи кои ВЛЕН или не знае да ги разликува, или се преправа дека не ги разликува.

Соопштението што го објавуваат, појсанува Османи, е соопштение на Кабинетот на претседателот на Србија, кое ги изразува ставовите и приоритетите на српската страна, а не на Република Северна Македонија. Тоа е сосема нормална практика во секој дипломатски однос.

„И денес повторно би се сретнал со секој свој соговорник, дури и кога не се согласувам со него, затоа што тоа е должност на министерот за надворешни работи. Но никогаш не би избрал да коалицирам со оние што ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците“, истакнува Бујар Османи во својата реакција.

Тоа е разликата меѓу дипломатијата и политичкото потчинување, негласува тој, и вели дека токму таа разлика ВЛЕН денес очајнички се обидува да ја сокрие.

Најчитано