ФИФА воведува шампионски прстени: Светскиот првак првпат ќе добие и американски симбол на титулата

Фудбалерите и членовите на репрезентацијата што ќе го освојат Светското првенство во 2026 година, покрај традиционалниот пехар и златните медали, ќе добијат и специјално изработени шампионски прстени. ФИФА соопшти дека ова ќе биде првпат ваква награда да биде доделена на победник на натпреварување под нејзина организација.

Прстените се инспирирани од долгогодишната традиција во северноамериканскиот професионален спорт, каде со нив се наградуваат шампионите во НБА, НФЛ, МЛБ и НХЛ. Нивното воведување на Мундијалот е уште еден елемент од американската спортска култура вграден во турнирот чиј домаќин се САД, Канада и Мексико.

ФИФА ќе произведе ограничена колекција од точно 2.026 нумерирани прстени, како симбол на годината во која се одржува Светското првенство. Од нив, 30 ќе бидат резервирани за победничката репрезентација, додека преостанатите 1.996 ќе бидат понудени на навивачите и колекционерите како официјално лиценциран производ.

На едната страна од прстенот ќе биде прикажан пехарот на Светското првенство, додека другата ќе биде приспособена на боите, симболите и визуелниот идентитет на репрезентацијата што ќе ја освои титулата. Секој примерок ќе има единствен сериски број и сертификат за автентичност.

Прстените наменети за шампионите ќе бидат изработени по мерка за секој добитник. Веднаш по финалето, капитенот и селекторот на победничката репрезентација ќе добијат привремени примероци за време на церемонијата, а персонализираните прстени ќе бидат официјално доделени подоцна.

ФИФА не објави колку ќе чинат прстените што ќе бидат понудени за продажба, ниту даде прецизни информации за материјалите и скапоцените камења што ќе бидат користени при нивната изработка. Поради тоа, засега не може да се утврди пазарната вредност на шампионските примероци.

Новата награда нема да ги замени златните медали, туку ќе биде дополнителен симбол на освоената титула. ФИФА ја претставува како прв ваков проект во својата историја, но во официјалното соопштение не е наведено дали прстените ќе им се доделуваат и на победниците на идните светски првенства.

Првите шампионски прстени ќе ги добие победникот од финалето меѓу Шпанија и Аргентина. Натпреварот ќе се одигра во недела, 19 јули, на стадионот „Њујорк Њу Џерси“ во Ист Радерфорд, со почеток во 15 часот по локално време, односно во 21 часот по македонско време.

Аргентина ќе се обиде да ја одбрани светската титула освоена во 2022 година и да стане првата репрезентација што ќе ги добие новите прстени, додека Шпанија ќе се бори за втор светски трофеј по триумфот во 2010 година. Финалето ќе биде 104. и последен натпревар на првото Светско првенство со 48 репрезентации.

Најчитано