Лукровски се врати на градоначалничката функција по речиси два месеца боледување, а во понеделник, 20 јули, ќе им се придружи на карпошани на „Шаховско утро“ на платото кај „Млечен“. Настанот што го организира Општина Карпош ќе започне во 9 часот и ќе биде отворен за граѓани од сите возрасти.
Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, се врати на работа на почетокот на јули, откако од 8 мај беше отсутен поради здравствени причини. Во периодот на неговото отсуство, градоначалничките овластувања ги извршуваше советникот Неделчо Крстевски.
Долгото отсуство на Лукровски предизвика политички реакции, шпекулации за негово можно повлекување од функцијата и јавни препукувања околу причините и времетраењето на боледувањето. Од Општина Карпош тогаш ги отфрлија тврдењата дека градоначалникот поднел оставка, нагласувајќи дека користи боледување поради здравствени причини.
Неколку недели по враќањето на функцијата, Лукровски сега е најавен како учесник на јавен настан посветен на Меѓународниот ден на шахот.
Општина Карпош ги поканува сите љубители на шахот, независно од возраста и искуството, да учествуваат во дружењето. Настанот е замислен како промоција на шахот и можност различни генерации да се соберат околу една од најстарите интелектуални игри.
„Шаховското утро“ ќе се одржи во понеделник од 9 часот на платото кај „Млечен“, а присуство е најавено и од градоначалникот Лукровски.

