Европските плажи имаат правила што лесно можат да им го претворат одморот на туристите во скапа лекција. Гласна музика, оставање чадори за „резервирање“ место, пушење, мокрење на плажа и шетање во костим за капење се казнуваат во повеќе летувалишта.
Во Португалија, прегласната музика од пренослив звучник може да донесе казна од 200 до 4.000 евра за поединци. За организирани групи и правни лица санкциите можат да достигнат до 36.000 евра.
Во шпанскиот град Виго, мокрењето на плажа или во крајбрежната зона може да се казни со 750 евра. Во Калпе, пак, туристите не смеат рано наутро да оставаат чадори и лежалки за да си „резервираат“ место. Казната изнесува до 250 евра.
Пушењето е забрането на стотици плажи во Шпанија, а во Франција прекршителите можат да платат 135 евра.
Казни има и надвор од песокот. Во Соренто, шетањето низ градот во костим за капење може да чини до 500 евра, додека во Албуфеира санкциите достигнуваат 1.500 евра. Слични правила важат и во Сплит, Дубровник и Хвар.
Правилата се разликуваат од една до друга општина, поради што туристите треба да ги проверуваат локалните забрани пред да ја посетат плажата.
