Брисел алармира: Судството во Македонија е под политички притисок

судството

Северна Македонија направила ограничен напредок во реформите во правосудството, но политичките притисоци врз судството, обидите за влијание врз судиите и обвинителите и слабата доверба на јавноста остануваат меѓу најсериозните проблеми, предупредува Европската комисија во најновиот Извештај за владеењето на правото.

Во документот се оценува дека законската рамка во голема мера е усогласена со европските стандарди, но дека нејзината примена и натаму е недоволна, а независноста на судството останува ранлива на политички и институционални влијанија.

Според Европската комисија, судиите и јавните обвинители и понатаму пријавуваат директни и индиректни притисоци, особено во предмети со висок јавен и политички интерес. Во извештајот се наведува дека јавните коментари и критики од политичари и носители на јавни функции кон судските одлуки дополнително ја поткопуваат перцепцијата за независноста на судството.

Комисијата забележува дека Судскиот совет и Советот на јавните обвинители продолжуваат да се соочуваат со критики за начинот на функционирање, транспарентноста и управувањето, поради што довербата на јавноста во овие институции останува ниска. Иако се преземени одредени чекори за подобрување на нивната работа, Брисел оценува дека се потребни дополнителни мерки за зајакнување на нивната независност, отчетност и професионален интегритет.

Во извештајот се укажува и на потребата од поефикасно дисциплинско постапување, засновано на јасни и објективни критериуми, без можност тие механизми да бидат злоупотребени како средство за притисок врз судиите и обвинителите. Европската комисија оценува дека кариерното напредување, оценувањето и изборот на носителите на правосудни функции мора целосно да се темелат на мерит-систем и професионални критериуми.

Посебно внимание Комисијата посветува и на довербата на граѓаните во судството, која и натаму останува ниска. Како главни причини се наведуваат перцепцијата за политичко влијание, недоволната ефикасност на судските постапки и слабата отчетност на институциите во правосудниот систем.

Брисел оценува дека Северна Македонија треба да продолжи со реформите што ќе обезбедат практична, а не само формална независност на судството, да ги зајакне гаранциите против политичко мешање и да ја подобри работата на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Само со доследно спроведување на овие препораки може да се зајакне владеењето на правото и довербата на јавноста во правосудниот систем, се наведува во извештајот.

Најчитано