Најавите за можни радикални промени во пензискиот систем отворија сериозна јавна дебата, а економскиот експерт Бранимир Јовановиќ предупредува дека евентуално укинување на вториот пензиски столб и преземање на средствата од приватните пензиски фондови би било краткорочно решение за буџетските проблеми, но со долгорочни последици за државата. Ова го изјави во интервју за порталот Фокус.мк.
Според Јовановиќ, клучното прашање не е дали државата ќе има средства за исплата на пензиите, туку дали актуелните буџетски проблеми треба да се решаваат на сметка на идните влади.
„Не е тука прашањето дали ќе има пари за пензии. Ќе има пари, државниот буџет е доволно голем за да се исплаќаат пензиите. Прашањето е дали моменталните буџетски проблеми на оваа власт треба да се олеснат за сметка на тоа на наредните влади да им биде потешко“, изјави Јовановиќ за Фокус.
Тој како пример ја посочува Унгарија, каде што владата на Виктор Орбан во 2011 година го укина вториот пензиски столб.
„На Орбан можеби му беше полесно, но на владите кои доаѓаат сега ќе им биде потешко“, оценува Јовановиќ, додавајќи дека и покрај тогашното краткорочно намалување на дефицитот и јавниот долг, Унгарија денес се соочува со уште поголеми фискални проблеми.
Во разговорот за Фокус, Јовановиќ посочува дека препораките на ММФ и Светската банка не се сведуваат само на зголемување на старосната граница за пензионирање, туку предвидуваат поширок пакет параметарски реформи.
Тој смета дека вториот столб не треба да се укинува, но предлага да се разгледа можноста за негова национализација.
„Според мене, вториот столб треба да остане, но можеби треба да се национализира, за да не се дозволи приватни фондови да прават профити на сметка на државни пари“, изјави Јовановиќ за Фокус.
Како дел од пошироките решенија, економскиот експерт предлага и промена на начинот на инвестирање на средствата од вториот столб, укинување на дел од ослободувањата од придонеси, особено за највисоките плати, како и повисоко оданочување на најбогатите и на компаниите со високи добивки. Воедно, тој е против зголемување на старосната граница за пензионирање, оценувајќи дека Македонија и онака има еден од најниските периоди на живот по пензионирањето во Европа.
Дебатата за иднината на вториот пензиски столб се интензивира откако Владата потврди дека прави анализи за можни измени во пензискиот систем, вклучително и преиспитување на моделот на капитално финансираното пензиско осигурување.
