СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ соопштува „пропагандни“ информации за инвестиции во образованието, оценувајќи дека партијата нема кредибилитет да зборува за развој на образовниот систем поради политиките што ги спроведувала додека беше претходно на власт.
Во партиското соопштение, СДСМ реагира на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека се инвестирани повеќе од 70 милиони евра во образовната инфраструктура и дека се обезбедени повисоки плати за наставниците.
Според опозициската партија, за време на владеењето на Никола Груевски биле правени измени во учебниците по историја со, како што наведуваат, „националистички и ревизионистички наративи“, наместо да се инвестира во квалитетно образование.
СДСМ потсетува и на проектот „Скопје 2014“, тврдејќи дека тогашната власт потрошила околу 650 милиони евра за споменици и фасади, наместо за училишта, лаборатории и современи наставни услови.
Во соопштението се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ го „политизирало образовниот систем“, придонело за ниски плати на наставниците и за иселување на младите од државата.
Опозициската партија го критикува и премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека Владата, наместо да создава услови младите да останат во земјата, најавува ангажирање економски работници од трети земји.
„Граѓаните не се наивни. ВМРО-ОКГ не се промени. Тие само ја менуваат реториката според моменталните потреби, додека суштината останува иста: пропаганда наместо реални резултати“, се наведува во соопштението на СДСМ.
