Иран ги нападна Кувајт и Бахреин со нов бран ракети и беспилотни летала денес (понеделник), додека американската војска деветта ноќ по ред изврши воздушни удари врз цели во Иран. Размената на напади ја приближува кризата до поширока регионална војна и дополнително го загрозува сообраќајот низ Ормускиот Теснец.
Кувајтските власти соопштија дека противвоздушната одбрана пресретнувала ирански ракети и дронови. Нападите следуваа откако претходно беше погодена електрана поврзана со постројка за производство на вода за пиење, при што избувна пожар.
Иранската Револуционерна гарда тврди дека цел на нападите биле американски воени позиции во Кувајт, меѓу кои складиште за муниција и радари во воздухопловната база Али ал Салем.
Во Бахреин повторно се огласија сирените за воздушна опасност. Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека ирански дронови биле насочени кон системи поврзани со воздушниот сообраќај, со што биле загрозени цивилните летови.
Бахреин е седиште на Петтата флота на американската морнарица, додека во Кувајт се распоредени илјадници американски војници. Техеран ги претставува нападите како одговор на американските удари врз иранска територија.
Централната команда на САД соопшти дека во деветтиот последователен бран биле погодени командни центри, противвоздушни системи, ракетни и дронски позиции, крајбрежни радари и поморски капацитети.
Иранските медиуми објавија дека нападите погодиле повеќе јужни и западни области, како и околината на Табриз. Иранските власти тврдат дека во последните американски удари загинале најмалку 50 лица, а повеќе од 500 биле повредени.
Во близина на брегот на Оман бил погоден и трговски брод, по што екипажот го напуштил пловилото. Нападот дополнително ја зголеми неизвесноста околу пловидбата низ Ормускиот Теснец, каде што сообраќајот е речиси запрен.
Во исто време, посредниците доставиле предлог за десетдневен прекин на огнот, кој треба да отвори простор за обновување на договорот меѓу Вашингтон и Техеран. САД соопштија дека се подготвени за разговори, но само доколку преговорите бидат сериозни.
Цената на нафтата „брент“ се задржа над 86 долари за барел, додека стравувањата растат дека кризата може истовремено да ги погоди поморските рути низ Ормускиот Теснец и Црвеното Море.
