Истрагата стана поважна од здравјето: Апсурдот со резултатите од водата во Гостивар

Гостивар

Повеќе од 3.000 заболени граѓани, прогласена епидемија, десетици нови пациенти секој ден и еден парадокс кој отвора сериозни прашања за начинот на кој институциите управуваат со здравствена криза.

Министерот за здравство Сашо Клековски и директорката на Институтот за јавно здравје денеска соопштија дека резултатите од анализите на водата од Гостивар се готови, но не можат да бидат објавени бидејќи се чека согласност од Јавното обвинителство.

Образложението е дека резултатите се дел од предистражна постапка.

Правно, тоа можеби звучи разбирливо.

Но, дали е разбирливо од аспект на јавното здравје?

Тука започнува проблемот.

Во секоја епидемија, една од првите задачи на здравствените институции е да утврдат што точно ја предизвикало заразата. Не само за да се најде виновникот, туку пред сè за да се лекуваат пациентите, да се спречи понатамошното ширење и да се заштити населението.

Доколку лабораторијата веќе утврдила што има во водата, тогаш природно се поставува прашањето: кому му е најпотребна таа информација во овој момент?

На обвинителите или на лекарите?

Епидемиолозите предупредуваат дека сознанијата за причинителот на заразата се важни за здравствените служби, бидејќи тие овозможуваат попрецизна епидемиолошка проценка, подобро следење на контактите, поефикасни превентивни мерки и потврдување на изворот на инфекцијата. Иако кај најголем дел од акутните цревни инфекции терапијата е симптоматска, лабораториските резултати имаат значење за јавно-здравственото управување со кризата, особено ако се работи за специфичен бактериски или паразитарен причинител.

Професорот на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Институтот за микробиологија и паразитологија д-р Никола Пановски вели дека небулозни изговорите на власта која не ги споделува јавно наодите од анализата на водата од градскиот водовод во Гостивар, за да не ја наруши истрагата.

„Пациент се лекува во болница со симптоми на труење. Обвинителството се сомнева во намерно труење или труење заради небрежност, па нарачува лабораториски тестови. Болницата, спротивно на протокол не направила такви тестови. По 4 дена резултатите се готови и со нив располага обвинителството, забранува истите да се објават во интерес на истрагата. Причината за труење е позната но само за обвинителатвото. Лекарот не ја знае. Додека трае истрагата пациентот починува. По завршување на истрагата јасно е дека постоел лек кој би го спасил пациентот, но во интерес на истрагата, отишол како колатерална штета. ПС. Секоја сличност со Гостивар е намерна. ПС. По завршување на истрагата, семејството на пациентот ќе го тужи обвинителството за убиство, а здравствените власти за не пружање на помош“, укажува Пановски во реакција на социјалните мрежи.

Токму затоа, денешната ситуација создава впечаток дека институциите воспоставиле необичен редослед на приоритетите.

Наместо здравствениот систем прв да располага со клучните информации, јавноста слушна дека прво ќе ги добие Обвинителството.

Тоа отвора дилема која не е само медицинска, туку и институционална.

Дали доказите во една кривична постапка мора да бидат тајни и за лекарите?

Кривичната постапка има свои правила и тие треба да се почитуваат. Но тие правила не забрануваат институциите меѓусебно да разменуваат информации кога станува збор за заштита на животот и здравјето на граѓаните.

Дури и ако Обвинителството инсистира резултатите да не бидат јавно објавени, зошто тие не можат да бидат доставени до лекарите и Центарот за јавно здравје под службена тајност?

Во државната администрација постојат различни степени на доверливост. Никој не бара лабораторискиот извештај веднаш да биде објавен на интернет. Но, сосема друго прашање е дали здравствените институции што ја водат епидемијата треба да имаат пристап до тие информации.

Со други зборови, кривичната истрага и јавното здравје не мора да бидат во судир.

Тие можат и мораат да функционираат паралелно.

Во спротивно, се создава впечаток дека истрагата станува поважна од здравствената заштита.

Особено кога бројот на заболени веќе надмина 3.000, а граѓаните со денови добиваат само општи препораки да не ја користат водата.

Секако дека треба да има истрага, но исто така треба државата да воспостави правилен баланс меѓу две еднакво важни обврски – откривање на одговорноста и заштита на јавното здравје.

Во Гостивар, засега, впечатокот е дека тие две цели не одат рака под рака.

А кога станува збор за епидемија, секој ден доцнење има цена што не се мери со страници во обвинителски предмет, туку и со довербата на граѓаните во институциите што треба да ги штитат.

Најчитано