Веќе 5 дена родителите од Брајковци чекаат одговор: Од што се разболеа децата во градинката?

Брајковци

Додека јавноста со внимание ги следи случувањата околу епидемијата поврзана со загадената вода во Гостивар, без официјален епилог останува уште еден случај што отвори сериозни прашања за безбедноста на храната и здравствената заштита на децата.

Во електронска пошта до редакцијата на Рацин.мк, родителитеб информираат дека станува збор за настанот од 16 јули, кога шест деца од клонот „Брајковци“ на детската градинка „Калинка“ од Валандово завршија на лекување во Општата болница во Гевгелија, откако во текот на денот развиле симптоми на повраќање и стомачни тегоби. Пет од нив ја поминале ноќта во болница и по примена инфузија биле пуштени на домашно лекување, додека шестото дете било задржано подолго на терапија.

Според тогашните информации, сите деца истиот ден ручале макарони со месо во градинката, по што кај нив се појавиле симптомите. По случајот биле земени примероци од храната, од кујната и од работните површини, а надлежните институции започнале вонреден инспекциски надзор и лабораториски анализи.

Неколку дена подоцна, раководството на градинката соопшти дека сè уште нема официјално потврдена причина за симптомите кај децата. Во соопштението се наведува и дека едно од децата кај кое се јавиле симптоми воопшто не било присутно во градинката тој ден, а слични здравствени тегоби биле пријавени и кај членови на неговото семејство, што, според установата, исто така е предмет на испитување.

Сепак, ваквото објаснување не ги смири родителите. Како што објави „Слободен печат“, тие се вознемирени бидејќи речиси една недела по настанот немаат јасен одговор што ги предизвикало симптомите кај нивните деца и дали станува збор за труење со храна, вирусна инфекција или друга причина.

Случајот отвора прашања кои заслужуваат јасен и транспарентен одговор од надлежните институции. Дали лабораториските анализи на храната и брисевите се завршени? Дали е утврдено присуство на бактерија, вирус или друг причинител? Дали се исклучени сите можни извори на контаминација? И најважно, зошто родителите сè уште не се официјално информирани за резултатите?

Во ситуации кога се засегнати најмладите, брзата и транспарентна комуникација е еднакво важна како и самата здравствена интервенција. Доколку анализите сè уште траат, институциите имаат обврска навремено да ја информираат јавноста за текот на постапката, а доколку резултатите се веќе готови, тие треба без одлагање да бидат соопштени.

Случајот во Брајковци не треба да остане во сенка на актуелната здравствена криза во Гостивар. И во двата случаи станува збор за можен ризик по јавното здравје, каде што граѓаните, а особено родителите, имаат право да знаат што се случило, дали опасноста е отстранета и кои мерки се преземени за да не се повтори ваков инцидент.

Најчитано