Мажот, кој беше во притвор под сомнение дека извршил масовно убиство во центар за згрижување мајки и деца во Штаде, во северна Германија, бил пронајден мртов за време на редовна контрола во затворот во Бремерферде. Лекар констатирал дека смртта настапила поради задушување, а истрагата засега укажува дека станува збор за самоубиство.
Трагедијата се случи на 29 јуни, кога вооружен напаѓач усмрти шест лица во објект за привремено сместување на бремени жени и млади мајки со деца. Жртвите биле вработени во установата и во локалната служба за социјална заштита.
Според германските истражители, мотивот за нападот најверојатно бил поврзан со спор околу старателството над тримесечната ќерка на осомничениот. Тој бил германски државјанин со турско потекло и против него се водела истрага за повеќекратно убиство.
Министерството за правда на покраината Долна Саксонија соопшти дека досегашната истрага не покажала никакви докази за вмешаност на други лица во неговата смрт. Надлежните сепак продолжуваат со постапката за целосно утврдување на околностите под кои починал.
Случајот предизвика силни реакции во Германија, бидејќи станува збор за едно од најтешките масовни убиства во земјата во последните години. Нападот повторно ја отвори дебатата за безбедноста во установите за социјална заштита и за постапувањето во случаи поврзани со семејно насилство и старателски спорови.
