Малите и средните претпријатија сочинуваат 99,8% од регистрираните компании во Македонија, но зад нивната голема економска тежина се кријат скап пристап до кредити, недовршена дигитализација, административни пречки и слаб извозен капацитет
Малите и средните претпријатија обезбедуваат 72,9% од вработеноста и создаваат 67,5% од бруто-додадената вредност во македонската бизнис-економија. Новиот Индекс на политики за малите и средните претпријатија на ОЕЦД за 2026 година покажува дека овие компании се главниот работодавач и производствен двигател во земјата, но и дека нивниот раст сè уште го ограничуваат тешкиот пристап до капитал, административните процедури, ниската примена на напредни технологии и слабата застапеност на странските пазари.
Според извештајот, микро, малите и средните компании сочинуваат 99,8% од сите регистрирани фирми. Нивното учество во економијата е значително поголемо од просекот во Европската Унија, каде што на ваквите компании отпаѓаат приближно 64% од вработеноста и 51% од додадената вредност.
Овие бројки, сепак, не значат дека Македонија има исклучително развиен и динамичен мал бизнис. ОЕЦД предупредува дека големата зависност од малите фирми истовремено ја открива слабоста на сегментот на големи домашни компании, кои во поразвиените економии ги предводат синџирите на снабдување, поставуваат повисоки стандарди и ги повлекуваат помалите добавувачи кон попродуктивни дејности.
Бројот на микрофирми расте, но средниот бизнис се намалува
Во периодот од 2021 до 2024 година, бројот на микро, мали и средни претпријатија се зголемил од околу 66.700 на 68.700. Растот речиси целосно доаѓа од микропретпријатијата, чиј број се зголемил за 3,9%.
Во истиот период, бројот на малите компании се намалил за 6%, а на средните за 8%. Тоа покажува дека македонските фирми релативно лесно се основаат, но многу потешко преминуваат во следната фаза на развој, во која треба да вработуваат повеќе луѓе, да инвестираат и да настапуваат на поголеми пазари.
Само околу 30% од малите и средните фирми во претходните истражувања најавиле нови инвестиции. Голем дел биле насочени кон стабилизирање на трошоците, а не кон проширување на производството или освојување нови пазари.
Трговијата на големо и мало е дејноста во која работат речиси една третина од сите мали и средни компании и од која доаѓа повеќе од една четвртина од нивната додадена вредност. Производството создава 18% од додадената вредност на овој сектор, додека информатичката и комуникациската индустрија, иако опфаќа само 4% од фирмите, создава 8% од вкупната додадена вредност.
Администрацијата се дигитализира, но бирократијата не исчезнува
ОЕЦД го вбројува оперативното опкружување меѓу областите во кои Македонија бележи напредок. Националниот портал за електронски услуги нуди повеќе од 200 услуги за граѓаните и компаниите, а регистрацијата на фирма може целосно да се заврши електронски.
Времето потребно за регистрација е намалено од 15 на 12 дена. Сепак, процесот и натаму содржи шест административни чекори, а употребата на задолжителен квалификуван електронски потпис ги зголемува трошоците и сложеноста за претприемачите. Проценетиот вкупен трошок за регистрацијата изнесува околу 12.000 денари, иако самата постапка формално не се наплаќа.
Поголем проблем останува издавањето дозволи и лиценци. Одговорноста е распределена меѓу повеќе министерства, агенции и други институции, без единствено тело што би го координирало целиот процес. Дел од лиценците се достапни електронски, но целосната дигитализација сè уште не е завршена.
Компаниите во Македонија имаат и најниска информираност за електронските владини услуги во регионот, а земјата е претпоследна според користењето дигитални услуги при аплицирање за лиценци.
Недовршено останува и намалувањето на парафискалните давачки. Претходно биле мапирани 377 вакви давачки, со план најмалку 28 да бидат рационализирани, но процесот не бил завршен во предвидениот рок до јуни 2025 година.
ОЕЦД забележува и намалена практична примена на процената на влијанието на регулативата. Во 2023 година, 77,8% од законите предложени од Владата биле донесувани по скратена постапка, без задолжителна целосна процена на нивното влијание.
Кредити има, но речиси секоја фирма мора да обезбеди залог
Македонија е втор најдобро оценета во регионот според политиките за пристап до финансии, но ОЕЦД ја оценува оваа област само како умерено развиена.
Развојната банка во 2024 година управувала со кредитни линии во вредност од 62 милиони евра, со кои биле финансирани 278 проекти. Кредитно-гарантниот фонд во последните години значително го зголемил бројот на одобрени гаранции и кредити.
Но, финансиската поддршка не е доволно насочена кон малите фирми, а институциите не спровеле процена дали програмите навистина им помогнале полесно да добијат кредити, да инвестираат или да отворат нови работни места.
Во 2024 година, дури 98,6% од компаниите во Македонија морале да понудат залог за да добијат нов кредит. За споредба, залог бил побаран од 53,6% од фирмите во Хрватска и од 40% во Ирска.
Истовремено, уделот на малите и средните компании во вкупните кредити на комерцијалните банки се намалил од 30,2% во 2019 на 26,9% во 2024 година. Регионалниот просек изнесувал 35,5%. Околу 26% од македонските компании го посочиле пристапот до финансии како сериозна пречка за раст, наспроти регионалниот просек од 17%.
Алтернативите на банкарските кредити остануваат ограничени. Во земјата сè уште нема целосна правна рамка за групно финансирање, приватен капитал и дел од микрофинансиските инструменти. Иако берзата има посебен сегмент за помали акционерски друштва, до февруари 2026 година ниту едно мало или средно претпријатие не било котирано на него.
Дигитализацијата најчесто завршува со веб-страница
Речиси сите анкетирани компании користат најмалку една основна дигитална алатка. Околу 82% имаат сопствена веб-страница, а 41% користат социјални мрежи.
Но, помалку од 6% користат системи за управување со ресурсите или односите со клиентите, а ниту една од анкетираните фирми не пријавила употреба на напредна анализа на податоци. Дури 94% не користат ниту една напредна дигитална технологија, а само 6% применуваат интернет на нештата.
Околу 65% од фирмите ги посочиле трошоците за набавка и одржување на технологијата како главна пречка. Речиси една четвртина немаат доволно внатрешни дигитални вештини за ефикасно да ги користат новите алатки.
Само 35% од возрасното население во Македонија има најмалку основни дигитални вештини, во споредба со 55% во Европската Унија. Јавната финансиска поддршка, според ОЕЦД, досега била доволна за помали надградби и пилот-проекти, но не и за целосна автоматизација, воведување напредни деловни системи или преминување кон облачни услуги.
Извозот е концентриран кај мал број големи компании
Иако Македонија има највисок сооднос на извозот во однос на БДП во регионот, малите фирми имаат ограничено учество на странските пазари.
Од околу 3.900 компании што извезуваат, само 110 големи фирми создаваат приближно 72% од вкупната извозна вредност. Десетте најголеми извозници сами учествуваат со половина од целиот извоз. Само една од четири мали фирми извезува, а индексот на ОЕЦД за извозните резултати на малите компании значително се влошил во изминатата деценија.
Стратегијата за промоција на извозот 2024-2027 предвидува поддршка за подготовка на компаниите за извоз, менторство, електронска трговија, поврзување со странски партнери и поповолни кредитни линии.
Извозниот портал на „Инвест Северна Македонија“, пуштен во 2023 година, обединува пазарни информации, алатка за процена на извозната подготвеност и можности за поврзување со странски купувачи. Во првата година на него се регистрирале повеќе од 200 мали и средни компании.
ОЕЦД, сепак, утврдува дека финансирањето на извозните мерки во голема мера зависи од годишни буџети и донатори, а јавно достапни годишни извештаи и независни процени на резултатите сè уште нема. Поддршката за електронската трговија е ограничена, без посебна сеопфатна стратегија и без систем што ќе мери колку мали фирми навистина продаваат на странските пазари преку интернет.
