СДСМ побара политичка и кривична одговорност за загадувањето на водоводот во Гостивар, оценувајќи дека надлежните институции не реагирале навреме за да го заштитат здравјето на граѓаните.
Од партијата бараат оставки од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов и одговорните лица во надлежните центри за јавно здравје.
Според СДСМ, првите пациенти со симптоми биле регистрирани на 13 јули, додека деталните препораки од Институтот за јавно здравје биле објавени на 18 јули. Партијата тврди дека повеќе од 3.000 граѓани биле евидентирани со симптоми и бара да се утврди целиот синџир на институционална одговорност.
Основното јавно обвинителство во Гостивар веќе отвори истрага против три лица од ЈП „Комуналец“. Според обвинителството, на 25 јуни биле поставени потопни пумпи што пренесувале загадена вода од отворен канал во комората на водоводниот систем. Две од пумпите биле затекнати во употреба и на 16 јули.
Анализите покажале 2.419,6 колиформни бактерии на 100 милилитри во водата од каналот, при максимално дозволени 50. Во примерок од каптираниот извор биле откриени 39 колиформни бактерии на 100 милилитри, иако дозволената вредност е нула.
