Само два месеца по преземањето на власта, бугарскиот премиер Румен Радев се соочува со првиот посериозен пад на довербата. Новото истражување на „Маркет линкс“ покажува дека поддршката за него и за неговата влада се намалува втор месец по ред, додека расте бројот на граѓани кои сметаат дека кабинетот не ги исполнува високите очекувања.
Во мај Радев имал доверба од 56 проценти, а 22 проценти од испитаниците изразувале недоверба. Во јули неговиот позитивен рејтинг се намалил на 50 проценти, додека негативниот се зголемил на 33 проценти.
Уште поизразен е падот кај владата. Кога кабинетот стапи на должност, го поддржувале 50 проценти од граѓаните, а 24 проценти не му верувале. Два месеца подоцна довербата е намалена на 42 проценти, додека недовербата пораснала на 35 проценти.
Анкетата била спроведена од 11 до 19 јули врз 1.002 полнолетни граѓани. Директорот на „Маркет линкс“, Добромир Живков, оцени дека повеќе не станува збор за моментална реакција на јавноста, туку за тренд кој може тешко да се промени доколку владата не покаже конкретни резултати.
Меѓу главните причини за падот се реакциите на предложениот буџет за 2026 година, недостигот од убедливи резултати во домашната политика и слабеењето на пораките за решителна борба против корупцијата и стариот модел на управување. Сè повеќе испитаници оценуваат дека владата е неподготвена или дека го продолжува стариот систем со нови политички лица.
Дополнителен товар за кабинетот се противречните надворешнополитички пораки за Русија, Украина, европските санкции и односите со САД. Живков го опиша однесувањето на владата како „геополитички слалом“, во кој Софија се обидува истовремено да го задржи расположението на гласачите на Радев и партнерските односи со ЕУ и Вашингтон.
Во истражувањето, 35 проценти од граѓаните сè уште сметаат дека владата се обидува да воспостави ред по долгогодишниот политички хаос, но пред еден месец таквиот став го делеле 41 процент. Уделот на граѓаните кои го сметаат кабинетот за неподготвен пораснал на 23 проценти, додека 13 проценти оценуваат дека станува збор за „стариот модел со ново лице“.
Радев стана премиер на 8 мај, откако неговата „Прогресивна Бугарија“ победи на парламентарните избори и обезбеди доминантна позиција во Народното собрание. Кампањата беше заснована врз ветувања за борба против корупцијата, ограничување на олигархиското влијание и надминување на долгогодишната политичка нестабилност.
И покрај падот на довербата, партијата на Радев останува убедливо прва со поддршка од 39 проценти. Коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ се искачила на второто место со 14,3 проценти, пред ГЕРБ на Бојко Борисов со 12,7 проценти. ДПС има поддршка од 4,2 проценти, а проруската „Преродба“ 3,6 проценти.
