Унгарскиот кредит од една милијарда евра што Владата на Христијан Мицкоски го претставуваше како голем финансиски успех сега е предмет на проверка во Унгарија. Новата влада во Будимпешта испитува дали државната „Ексимбанк“ под власта на Виктор Орбан одобрила исклучително поволно финансирање за да зајакне странски политички сојузник, додека случајот е пријавен и во полиција поради сомневања за злоупотреба и несовесно управување.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар соопшти дека Министерството за економија и енергетика пријавило четири случаи поврзани со работењето на државната „Ексимбанк“. Меѓу нив е и заемот за Македонија, одобрен од претходната влада на Орбан, под услови што сега се преиспитуваат. Проверката не значи дека веќе е утврдено кривично дело, но покажува дека кредитот веќе не се разгледува само како економски договор, туку и како можна политички мотивирана трансакција.
Заемот бил одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти, а целиот ризик бил покриен со стопроцентна гаранција од унгарската држава. Тоа значи дека ризикот од трансакцијата не го носела само банката, туку зад неа застанал унгарскиот буџет. Според Маѓар, постои сомневање дека средства наменети за поддршка на унгарски компании биле употребени за зајакнување политички сојузник во странство и можеби за создавање поволности за компании блиски до тогашната власт.
Македонија во 2024 година склучи два договора со унгарската „Ексимбанк“, секој во вредност од 500 милиони евра. Првиот беше потпишан на 8 октомври, со рок на отплата од 15 години, тригодишен грејс-период и фиксна камата од 3,25 проценти. Владата тогаш тврдеше дека условите се значително поповолни од задолжување преку нова еврообврзница.
Од првите 500 милиони евра, 250 милиони беа наменети за кредитирање домашни компании преку Развојната банка и комерцијалните банки, додека другиот дел беше поврзан со општински проекти и одржување на буџетската ликвидност. Владата ги пласираше парите кон компаниите со пониска камата од онаа што државата ја плаќа кон Унгарија, при што разликата и дополнителните трошоци се покриваат преку буџетскиот механизам.
Вториот заем од 500 милиони евра беше потпишан во декември 2024 година. Парите беа наменети за отплата на еврообврзницата издадена во 2018 година, која достаса во јануари 2025 година. Со тоа, Македонија практично замени еден долг со нов билатерален долг кон унгарската државна банка, склучен без излегување на меѓународниот пазар на капитал.
Токму билатералниот карактер на договорот уште од почетокот отвораше прашања за неговата транспарентност, политичката заднина и причините поради кои Унгарија одобрува толку голема сума на земја со мала економија. Кредитот беше договорен во период на блиски односи меѓу Мицкоски и тогашниот унгарски премиер Орбан, без јавен меѓународен повик за избор на кредитор и со посебни закони донесени во македонското Собрание.
Маѓар сега тврди дека заемот можеби бил инструмент преку кој владата на Орбан го поддржувала својот политички сојузник во Македонија. Мицкоски и Орбан јавно ја нагласуваа блиската соработка, додека Унгарија во 2018 година му одобри политички азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој избега во Будимпешта по правосилната затворска пресуда во Македонија.
Унгарската проверка е дел од поширокото преиспитување на работењето на „Ексимбанк“ во времето на Орбан. Другите пријавени случаи опфаќаат стотици милиони евра државни гаранции и кредити за приватни компании и ризични странски проекти. Сомневањата се однесуваат на злоупотреба на средства, несовесно управување и можни стечајни кривични дела.
Маѓар нагласи дека неговата влада однапред нема да утврдува вина, но ќе им ги достави сите документи на надлежните институции. „Ексимбанк“ не одговорила на барањето на Ројтерс за коментар во врска со проверката на заемот за Македонија.
