Англискиот клуб Арсенал не штеди пари за да го купи Хулијан Алварез.
Според информациите од англиските медиуми, Арсенал е подготвен да понуди околу 100 милиони евра и Виктор Ѓокереш во замена за напаѓачот на Атлетико Мадрид, Хулијан Алварез, пренесува шпанскиот „АС“. Лондонскиот клуб сака да го ангажира 26-годишниот аргентински репрезентативец, а шведскиот голгетер би бил вклучен во договорот за да се убеди Атлетико да ја прифати понудата.
„Тајмс“, исто така, објави дека Арсенал размислува да го понуди Ѓокереш како дел од трансферот за Алварез, но без да потврди дека во пакетот се вклучени и дополнителни 100 милиони евра. Засега нема официјална понуда, туку станува збор за модел на трансфер што го разгледува англискиот клуб.
Сепак, реализацијата на ваков договор нема да биде лесна. Извршниот директор на Атлетико Мадрид, Мигел Анхел Хил Марин, неодамна порача дека клубот нема намера да го продаде Алварез, без разлика дали понудата ќе изнесува 100, 150 или 200 милиони евра. Аргентинецот има договор до летото 2030 година, а неговата откупна клаузула е поставена на дури 500 милиони евра.
И покрај тоа, „АС“ наведува дека Атлетико би бил поподготвен да разговара со Арсенал отколку со Барселона. Причината е што мадридскиот клуб не сака да засили директен ривал во Ла Лига, додека евентуалната преселба на Алварез во Премиер лигата би била поприфатлива опција.
