СДСМ: Во Гостивар уште 4.000 пациенти, а Владата вели дека се дезинформации

СДСМ
Со надзорот е утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. (Фото: СВР Тетово)

СДСМ обвини дека здравствената состојба во Гостивар останува сериозна поради загадената вода за пиење, тврдејќи дека за само неколку дена се регистрирани нови речиси 4.000 пациенти, додека водата сè уште не е безбедна ниту за техничка употреба.

Во партиското соопштение, СДСМ реагира на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека опозициската партија шири дезинформации и паника во врска со состојбата со водоснабдувањето во Гостивар.

„Во Гостивар ситуацијата е катастрофална. За само неколку денови има речиси 4.000 пациенти. Болницата е преполна. Водата сè уште не е безбедна ниту за техничка употреба“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата оценуваат дека, наместо да се справува со последиците од кризата, власта се занимава со обвинувања за ширење паника.

СДСМ тврди дека граѓаните во Гостивар се соочуваат со сериозни последици од загадената вода и ја обвинува Владата дека не реагирала навреме за да се спречи ширењето на здравствената криза.

Од Владата и ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие наводи.

Најчитано