Црна Гора ги стега работните дозволи

Црна Гора подготвува нов систем за издавање дозволи за престој и работа на странци, со построги проверки на работодавачите, платените даноци и придонеси и потребите на домашниот пазар на труд. Засега станува збор за владина иницијатива што треба дополнително да биде преточена во законски решенија.

Предвидено е Министерството за внатрешни работи да издава единствена дозвола за привремен престој и работа, но само по претходно позитивно мислење од Заводот за вработување на Црна Гора. Без такво одобрение странецот нема да може да добие дозвола за работа.

При одлучувањето ќе се проверува дали има потреба од ангажирање странски работник, дали работодавачот ги исполнува законските услови, дали против него биле изречени забрани и дали има место во утврдените годишни квоти.

Во контролата ќе бидат вклучени повеќе институции. Даночната управа ќе доставува податоци за јавните давачки и финансиското работење на фирмите, Централниот регистар за нивниот деловен статус, Фондот за здравствено осигурување за пријавените работници, а Трудовата инспекција за претходно утврдени неправилности.

Причина за новиот модел е наглото зголемување на бројот на странски работници. Во 2021 година биле издадени 20.580 дозволи, а во 2025 година нивниот број достигнал 40.567. Во првите пет месеци од 2026 година биле издадени уште 14.778 дозволи.

Црногорската Влада за 2026 година утврди квота од 28.988 дозволи за привремен престој и работа. Од нив, 21.668 се наменети за редовно вработување, 2.320 за сезонски работници, а дополнителни 5.000 може да се распределат според потребите на пазарот. Најмногу дозволи се предвидени за угостителството и сместувањето, градежништвото и другите услужни дејности.

Новите правила треба да бидат уредени со посебен закон за вработување и самовработување странци, со кој ќе се разграничат обврските на полицијата, Заводот за вработување и Министерството за труд. Целта е да се спречат фиктивни вработувања, неплаќање придонеси и други злоупотреби на дозволите за престој и работа.

Најчитано