Како Трамп заглави во војната со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп привремено ги запре нападите врз Иран, оставајќи простор за нови дипломатски разговори, но без јасен договор за завршување на војната и трајно отворање на Ормускиот Теснец.

САД и Иран втор ден не извршија нови меѓусебни напади, откако Вашингтон ја прекина воздушната кампања што траеше 13 ноќи. Техеран порача дека нема да возвраќа доколку американската страна го почитува прекинот, но ирански претставници сметаат дека станува збор за тактичка пауза, а не за промена на американската политика.

Дипломатските контакти продолжуваат со посредство на Оман и други земји од регионот. Главното спорно прашање останува режимот на пловидба низ Ормускиот Теснец, преку кој во нормални услови минува околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас.

И покрај паузата, сообраќајот низ теснецот останува на исклучително ниско ниво. Во текот на викендот минувале помалку од десет бродови дневно, а во неделата биле забележани само седум преминувања. Дел од бродовите пловеле со исклучени транспондери поради безбедносните ризици.

Американската војска на 7 и 8 јули погоди околу 170 ирански воени цели, меѓу кои противвоздушни системи, крајбрежни радари, складишта за ракети и беспилотни летала, командни центри и пловила на Револуционерната гарда. Нападите беа претставени како одговор на иранските удари врз комерцијални бродови, но не успеаја трајно да ја обноват нормалната пловидба.

Трамп сега е соочен со избор меѓу продолжување на воената кампања, која носи ризик од нови ирански напади врз американските бази и сојузниците во Заливот, и договор што може да му остави на Техеран поголемо влијание врз стратешкиот поморски коридор.

Според „Волстрит журнал“, во американската администрација се разгледувала и состојбата со резервите на пресретнувачи за системите „Патриот“ и THAAD. Белата куќа ги отфрла тврдењата дека недостигот од муниција ја ограничува воената операција, но нападите биле одложени додека се проценувале дипломатските и воените опции.

Привременото смирување веднаш се одрази врз пазарите. Цената на „брент“ падна за повеќе од шест отсто, на околу 90 долари за барел, по надежите дека прекинот на нападите може да прерасне во договор. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека Ормускиот Теснец останува спорен и дека транспортот е далеку под нивото од пред војната.

Меѓународната поморска организација предупредува дека околу 20.000 морнари, пристанишни работници и членови на екипажи се погодени од кризата. Организацијата бара слободна и безбедна пловидба и нагласува дека цивилните бродови и морнарите не смеат да се користат како средство за притисок во политички и воени конфликти.

Најчитано