На 29 јули, со почеток во 20.00 часот, во Музеј на современа уметност (МСУ), ќе биде отворена изложбата „Прекин во тек“ со дела на Игор Тошевски и ОПА (Опсесивно посесивна агресија).
Владимир Јанчевски во каталогот за изложбата пишува:
Во време кога честопати се повторува дека „ништо не може да се направи“, изложбата тргнува од едно поинакво прашање: што ако токму малите поместувања, прекините, погрешните преводи, гестовите на двоумење или отстапување можат да ги направат видливи структурите што вообичаено остануваат скриени? Во тој контекст, уметноста не се разбира како средство за илустрација или како директен инструмент за општествена промена, туку како практика што ги преиспитува правилата, протоколите и рутините преку кои реалноста постојано се произведува.
Изложбата „Прекин во тек“ ги обединува делата на Игор Тошевски и ОПА (Опсесивно посесивна агресија) во заедничко истражување на механизмите преку кои современата уметност создава видливост, вредност и значење. Наместо да ја претставуваат реалноста или експлицитно да повикуваат на нејзина промена, делата ги испитуваат оперативните процеси што незабележливо ги обликуваат институциите, јазикот, сликите и нашето секојдневно искуство, вели Јанчевски.

Игор Тошевски ја третира уметноста како функционална алатка за деконструкција на структурите на моќ, преиспитувајќи го сложениот пресек меѓу политичкиот авторитет, постсоцијалистичкиот контекст и слободата на изразување. Преку проектите како „Досие“, „Обврзување“ и „Територии“, тој систематски ги проблематизира државната пропаганда, цензурата и границите на институционалното изложување. Често ги користи масовните медиуми за да го преиспита концептот на оригиналност и сопственоста над колективната визуелна историја, лоцирајќи го значењето во релацијата помеѓу информацијата (текстот) и нејзиниот визуелен носител (сликата).
ОПА (Опсесивно посесивна агресија) е уметничка соработка основана од визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Поаѓајќи од интересот за контекст-специфичното, потенцијалите на јавниот простор, јавната сфера и јазикот на маркетингот, практиката на ОПА се развива преку интервенции, тактички медиуми, мокументарци и стратегии на субверзивна афирмација, со цел критичко преиспитување на општествените, идеолошките и институционалните механизми на моќ. Низ дел од своите проекти ОПА ја користи уметноста како платформа за јавна дебата, создавајќи ситуации во кои границите меѓу фикцијата и реалноста, уметноста и политиката, стануваат намерно нестабилни.
