Нов силен топлотен бран ја зафаќа Европа, со температури над 40 степени во делови од Франција, Шпанија и Турција и со дополнително зголемен ризик од шумски пожари. Сепак, официјалните метеоролошки прогнози што се достапни во моментов не потврдуваат дека во Европа оваа недела ќе бидат измерени 50 степени во сенка, туку на сонце.
Топлотниот бран веќе од утре почнува да ја зафаќа и Македонија. Каде се очекуваат околу 40 степени измерени во сенка.
Шпанската метеоролошка агенција АЕМЕТ соопшти дека топлотниот бран започнува во среда, 29 јули. Во долината на Ебро и во североисточните делови од земјата се очекуваат од 40 до 42 степени, додека во југозападните речни долини температурите треба да достигнат од 39 до 41 степен.
Во Франција, Метео-Франс најави нов топлотен бран со најголем интензитет во среда. Се прогнозираат 38 степени во Париз и Тур, 36 во Лион и Гренобл, а локално до 40 степени во југозападниот дел од земјата.
Веста дека температурите ќе достигнат 50 степени се поврзува со прогноза за турскиот град Адана. Но на официјалната страница на турската метеоролошка служба не е објавена потврда за очекувана температура од 50 степени во Адана во наведениот период. Турската сезонска прогноза предвидува температури над просекот во делови од земјата, но не наведува конкретен максимум од 50 степени.
Турција има забележано температура над 50 степени, но станува збор за историски измерена вредност, а не за тековна прогноза. Во јули 2025 година во Силопи биле измерени 50,5 степени, што било регистрирано како национален температурен рекорд.
Во Шпанија и Франција новиот бран доаѓа во услови на суша и големи шумски пожари. Високите температури, ниската влажност и сувиот ветер можат да го забрзаат ширењето на огнот и повторно да ги загрозат областите во кои веќе се спроведуваат масовни евакуации. Во регионот околу Бордо пожарите зафатиле околу 42.000 хектари, а околу 220.000 луѓе биле евакуирани.
Светската метеоролошка организација наведува дека западна Европа го имала најтоплиот јуни откако се водат мерењата, со просечна температура за 3,05 степени над просекот за периодот 1991-2020. Високите температури продолжиле и во јули, придонесувајќи за суша и пожари во Франција и на Пиринејскиот Полуостров.
Според официјалните прогнози, реално потврдените максимални температури во сенка во претстојниот бран се движат до околу 42 степени во Шпанија и до 40 степени во Франција.
