Во Романија дигнаа карпа во воздух за да насочат повеќе вода од Дунав

Романските воени сили извршија контролирана експлозија на карпа во Дунав за да овозможат пренасочување на поголемо количество вода кон нуклеарната централа „Чернавода“, која се соочува со недостиг на вода за ладење поради рекордно ниското ниво на реката.

Со минирањето бил расчистен простор за изградба на привремена преграда, со која дел од водата треба да се пренасочи кон каналот што ја снабдува централата. Интервенцијата е дел од итните мерки на романската влада за одржување во работа на вториот реактор во „Чернавода“.

Едниот реактор на централата веќе беше контролирано исклучен на 28 јули поради исклучително нискиот водостој на Дунав. Според романската компанија „Нуклеарелектрика“, прекинот бил превентивна мерка за да се зачуваат безбедносните резерви на постројката.

Надлежните предупредија дека без дополнително пренасочување на водата преостанатиот реактор би можел да работи уште само четири до пет дена. Нивото на Дунав кај Чернавода се намалувало за два до три сантиметри дневно, а протокот се очекувало дополнително да опаѓа.

Покрај експлозијата, романските власти планираат поставување метални баржи натоварени со камен и продлабочување на делови од речното корито. Целта е да се прераспредели протокот на водата и да се обезбеди доволно количество за безбедно ладење на реакторот.

Владата во Букурешт за интервенцијата одвои седум милиони леи. Вториот реактор на „Чернавода“ произведува околу десет проценти од електричната енергија што ѝ е потребна на Романија, поради што негово исклучување дополнително би ја влошило регионалната енергетска криза.

Романија веќе бара дополнителен увоз на електрична енергија од Украина, Бугарија и Грција. Ниското ниво на Дунав создава проблеми и во Унгарија, каде нуклеарната централа „Пакш“ работи со значително намален капацитет.

Надлежните нагласуваат дека нема непосреден ризик за нуклеарната безбедност. Доколку водостојот продолжи да се намалува, реакторот ќе биде навремено и контролирано исклучен според безбедносните процедури.

Најчитано