Министерството за култура и туризам донело одлука дел од постојаната музејска поставка во Спомен-домот на Браќата Миладиновци во Струга да биде затворен и пренаменет во административни канцеларии, обвини СДСМ.
Од опозициската партија оценија дека со одлуката се намалува просторот посветен на делото на Димитар и Константин Миладинов и се нанесува нов удар врз македонското културно наследство.
„Наместо да инвестира во музеите и да го афирмира македонското културно наследство, власта наредува да се отстрануваат музејски поставки за да се сместуваат бирократи“, соопшти СДСМ.


Од партијата нагласуваат дека Браќата Миладиновци се меѓу темелите на македонската култура, писменост и национална меморија, поради што намалувањето на музејскиот простор посветен на нив го сметаат за понижување на сопствената историја.
СДСМ посочува дека одлуката е особено неприфатлива затоа што се однесува на Струга, родниот град на Браќата Миладиновци и домаќин на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.
Според партијата, во Струга постојат други простории што можат да се користат за административни потреби, а Спомен-домот треба да остане исклучиво во функција на музејската дејност, зачувувањето на културното наследство и промоцијата на македонската литература и историја.
СДСМ побара Министерството за култура и туризам веднаш да ја повлече одлуката и целата музејска поставка да остане достапна за посетителите.
