Три лица се повредени, од кои едно потешко, во напад со нож попладнево во метро станица во Брисел, покажуваат новите податоци на белгиската полиција која го уапсила напаѓачот.
-Напад со нож на станицата Шуман: благодарение на соработката на полициските служби (…) напаѓачот беше брзо уапсен, напиша на Твитер градоначалникот на Брисел, Филип Клоуз.
Откако првично извести за едно повредено лице, федералната полиција подоцна соопшти дека три лица се повредени во нападот, од кои едното се наоѓа во „критична состојба“. Додека мотивите на 30-годишниот напаѓач остануваат непознати, полицијата ја отфрли можноста за терористички напад, соопшти обвинителството.
Од добро упатен извор се дознава дека приведениот е „лице со психички проблеми“.
Новинар на француската новинска агенција АФП од местото на настанот извести дека околу 18:00 часот неколку полицајци во цивилна облека истрчале кон перонот на станицата Шуман, која е оддалечена само неколку десетици метри од зградата на Европската комисија и Европскиот совет.
Во тој момент една жена ги предупредувала патниците кои влегувале во станицата да не се симнуваат, велејќи дека долу има вооружено лице со нож.
Полициската истрага продолжува.