Медузи ги запреа трите реактори на една од најголемите нуклеарни централи во Франција

Голем рој медузи предизвика привремено запирање на три реактори во нуклеарната централа Гравелинс во северна Франција, откако морските животни навлегле во системите за филтрирање и ладење. Операторот ЕДФ соопшти дека нема опасност за безбедноста на централата, вработените или животната средина.

Трите реактори, означени како единици 2, 3 и 4, биле привремено исклучени поради големото присуство на медузи во водата што се користи за ладење на постројката. Уште еден реактор работи со намалена моќност од 50 отсто, додека петтиот е исклучен поради планирано одржување. Шестиот реактор продолжува да работи.

Централата Гравелинс се наоѓа во близина на Данкерк и за ладење користи вода од канал поврзан со Северното Море. Големото количество медузи ги оптоварило системите за филтрирање, поради што биле активирани превентивните механизми и дел од реакторите автоматски биле исклучени.

Од ЕДФ уверуваат дека станува збор за оперативен проблем, а не за нуклеарна безбедносна закана. Компанијата веќе презема активности за отстранување на медузите, меѓу другото и со специјализирани возила за вакуумирање.

По сличен инцидент во 2025 година, кога голем рој медузи предизвика прекин на работата на централата, ЕДФ воведе дополнителни мерки за рано откривање и спречување на вакви ситуации. Поставени се фиксни камери, подобрени се филтерските системи, а воспоставена е и соработка со рибари и спасувачки служби кои можат навреме да предупредат за појава на големи роеви.

Експертите предупредуваат дека ваквите случаи би можеле да стануваат почести поради климатските промени, затоплувањето на морската вода, ширењето на одредени видови и нарушувањето на морските екосистеми.

Инцидентот во Гравелинс доаѓа во период кога француската нуклеарна флота веќе се соочува со дополнителни ограничувања поради екстремните летни температури и ниските нивоа на водата во некои реки, кои исто така се користат за ладење на реакторите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?