„Македокс“ го претвора Скопје во документарно кино, 71 филм и над 100 гости

Скопје од 20 до 27 август повторно ќе живее во ритамот на документарниот филм. Седумнаесеттото издание на „Македокс“ носи 71 филм, над 100 гости од странство, мастеркласови, разговори, работилници и силна индустриска програма, распоредени на повеќе локации низ градот.

Годинашното мото е „Само сонот е стварност“, инспирирано од песна на Тин Ујевиќ и книгата на една од најзначајните македонски филмски критичарки Илинденка Петрушева. Фестивалот годинава е и своевидна посвета на Петрушева и нејзиниот придонес кон македонската филмска култура.

Проекциите ќе се одржуваат во Куршумли-ан, Музејот на Македонија, Сули-ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар во Скопје. Фестивалот ќе биде отворен на 20 август со краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Во програмата се најавени и македонските премиери на новите филмови на Милчо Манчевски и Елена Чемерска.

„Македокс“ годинава ќе има шест програмски целини: главна програма, нови автори, кратки документарци, студентска програма, програма за деца и млади и програмата „Земја во фокус“. За најдобрите филмови ќе бидат доделени пет фестивалски награди, а за нив ќе одлучуваат 15 меѓународни професионалци од документарниот филм.

Во фокусот годинава е Шпанија, со избор од современата шпанска документарна продукција. Дополнително ќе бидат прикажани и кратки филмови од Канарските Острови, како и експериментални остварувања од Перу.

Но фестивалот нема да заврши само со проекциите. Во „Лабораториум“ ќе има мастеркласови и дискусии за документарниот филм и филмската критика, меѓу кои и панелот „Филмска критика во ера на алгоритми?“, со учество на критичари и селектори од Македонија, Австрија, Шпанија, САД и Франција.

Од 22 до 25 август ќе се одржи и интензивна работилница за филмска монтажа, со фокус на тоа како почетокот на еден документарец ја одредува неговата структура и драматургија.

Посебен дел од фестивалот останува „Макекопродокс“, форумот посветен на копродукцијата на креативни документарци на Балканот. Осмото издание ќе се одржи од 25 до 27 август и ќе ги собере директорите на националните филмски центри од регионот, продуценти, автори и тимови на осум документарни проекти во развој.

Предвидени се пичинг-сесии, средби меѓу продуценти, панели за француско-балкански копродукции и разговори за тоа како балканските документарни филмови полесно да стигнат до меѓународната публика.

Извршниот директор на фестивалот Дарко Набаков вели дека „Македокс“ со годините станал многу повеќе од место за гледање филмови.

Според него, идејата е публиката да остане и по проекциите, да разговара со авторите, да разменува идеи и неколку дена вистински да го живее документарниот филм.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?