Хрватската полиција пронајде мртво лице при пребарувањето на подрачјето опустошено од големиот пожар кај Омиш. Телото било пронајдено денеска околу 13:30 часот, соопшти сплитско-далматинската полиција.
Засега не се објавени идентитетот на починатото лице и околностите на смртта. На местото ќе биде извршен увид под раководство на надлежен државен обвинител, со полициска асистенција.
Поради последиците од пожарот медицинска помош добиле вкупно 40 лица, а 14 биле задржани на болничко лекување во Сплит. Седум пациенти се на респиратор, шест возрасни лица и 17-годишна девојка.
Меѓу повредените има лица со тешки изгореници, повреди од вдишување чад и повреди добиени при евакуацијата. Кај дел од пациентите изгорениците зафаќаат меѓу 15 и 60 проценти од телото. Се разгледува можноста некои од најтешко повредените да бидат префрлени во болници во Загреб.
Пожарот избувна синоќа околу 20:15 часот кај Локва Рогозница, а силниот ветер во текот на ноќта го прошири кон Омиш и околните населени места. Според првичната проценка, изгореле околу 900 хектари трева, ниска вегетација и борова шума. Огнот зафатил куќи во повеќе населби и уништил поголем број автомобили.
На терен денеска биле ангажирани 210 пожарникари со 61 возило. Иако во претпладневните часови ситуацијата била помирна, попладнето пожарот повторно се разгорел и преминал преку ридот, по што повторно бил испратен канадер.
