Пожарот кај Сивири остави пустош, денес повторно се стравува од силен ветер

Грција

Пожарот што го зафати Сивири на Халкидики остави зад себе илјадници хектари опожарено земјиште, оштетени куќи и јавни објекти. Иако огнената стихија е ставена под контрола, опасноста не е целосно помината поради најавените силни ветрови кои можат повторно да активираат жаришта. 

Огнот избувна на 13 август во областа Сивири, на првиот крак на Халкидики, и поради силниот ветер за кратко време почна брзо да се шири кон населените места. Грчките власти активираа повеќе предупредувања преку системот 112, со кои жителите и туристите беа повикани да се оддалечат од загрозените подрачја. 

Во гаснењето беа ангажирани повеќе од 120 пожарникари, пешадиски тимови и десетици возила, додека од воздух дејствуваа противпожарни авиони и хеликоптери. Во акцијата учествуваа и пожарникари од Молдавија преку европскиот механизам за цивилна заштита. 

Поради брзото приближување на огнот, беше спроведена и голема евакуација. Крајбрежната стража со бродови евакуираше 481 лице од плажите во загрозеното подрачје, додека дел од жителите и туристите беа пренасочени кон побезбедни локации. 

Пожарот предизвика материјална штета на повеќе куќи и јавни објекти, меѓу кои и локалната станица за прочистување на отпадни води. Во гаснењето беа повредени и двајца пожарникари. 

Најголемата загриженост сега е поврзана со временските услови. Иако главниот пожар е ставен под контрола, стотици пожарникари остануваат на терен за да ги контролираат потенцијалните жаришта и да спречат повторно разгорување.

Особено внимание се посветува на најавените силни ветрови, со брзина која може да надмине 100 километри на час. Во такви услови и преостанатите жаришта можат повторно да се активираат и да создадат нова опасност за населените места. 

Пожарот го зафати и значајниот шумски појас во централниот дел на Касандра, познат по медитеранските борови. Ова подрачје веќе било погодено од големиот пожар во 2006 година, што дополнително ја зголемува загриженоста за состојбата на природата и шумскиот фонд. 

Поради високата опасност од нови пожари, грчките власти воведоа и ограничувања за движење на пешаци и возила во одредени шумски подрачја на Касандра и Ситонија. За прекршување на забраните е предвидена глоба од 300 евра. 

Состојбата на теренот продолжува внимателно да се следи, особено во периодот кога Халкидики е преполн со туристи и кога секое ново разгорување може да создаде дополнителен ризик за населението и посетителите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?