Денес почнува Втората македонска лига: Стартува битката за елитата, ова се деталите

Втората македонска лига денес, 15 август, ја отвора сезоната 2026/27 со состав каков што ретко се гледал во вториот ранг на македонскиот фудбал. Поранешни шампиони, традиционални прволигаши и клубови од големи фудбалски средини ќе тргнат во битка за враќање во елитата, а првото коло носи шест натпревари во сабота и уште еден во недела.

Причината за необично силната конкуренција е и реформата на македонскиот фудбалски систем. Првата лига од сезоната 2026/27 е намалена од 12 на десет клуба, поради што минатата сезона донесе многу потешка борба за опстанок. Работнички, Шкупи и Македонија Ѓорче Петров директно се преселија во понизок ранг, додека Брера Струмица и Пелистер ги загубија баражите од Скопје и Шкендија Арачиново.

Тоа значи дека дури пет клуба кои минатата сезона играа прволигашки фудбал сега се дел од Втората лига. Работнички, Шкупи, Македонија ЃП, Пелистер и Брера ја менуваат структурата на натпреварувањето и уште пред првото коло ја креваат летвичката во борбата за врвот.

Особено внимание привлекува Работнички. „Романтичарите“ по речиси три децении повторно се во второлигашка конкуренција, а последен пат таму настапуваа во сезоната 1997/98. Наместо долгорочно прилагодување на новата реалност, клубот летово направи голема реконструкција и ангажираше десет нови фудбалери. Во тимот пристигнаа Дамјан Спасовски, Андреј Кудијан, Христијан Пецов, Виктор Серафимовски, Христијан Митровски, Христијан Поп Антоски, Давид Манасиевски, Александар Богданоски, Амар Хаџибулиќ и Мартин Мисердовски. Намерата е јасна, експресно враќање во Првата лига.

Слична порака испраќа и Пелистер. Испаѓањето тешко беше прифатено во Битола, особено затоа што минатата сезона клубот влезе со историски висок буџет и значително поголеми очекувања. По поразот во баражот од Шкендија Арачиново почна реконструкција, беше избрано ново раководство и беше поставена јасна цел за враќање во елитата.

Битолчани успеаја да ги задржат искусните Кире Ристевски и Стефан Спировски, а едно од најзвучните летни враќања е Мартин Мирчевски. Во финишот на подготовките пристигна и младиот Кире Стојанов од Брера. Мирчевски по потписот отворено говореше за експресно враќање на Пелистер во Првата лига, а клубот во новата сезона влегува како еден од составите од кои се очекува директна борба за врвот.

И Брера не влегува во сезоната само со желба да ја преброди промената на рангот. Струмичани пред стартот ги ангажираа Стефан Наумчески и Владимир Жоглев. Наумчески се враќа по периодот во косовска Приштина и носи прволигашко искуство, додека Жоглев пристигна од Шкендија Арачиново и добро ја познава второлигашката конкуренција.

Но, трката не се сведува само на клубовите кои доаѓаат од Првата лига. Беласица непосредно пред почетокот на сезоната доведе четири нови офанзивни фудбалери, Рон Мемеди, Давид Спасов, Михаил Танчев и Елмаз Емуш, со што струмичани најавуваат повисоки амбиции од обична мирна сезона во средината на табелата.

Активен беше и Новаци. Клубот го засили средниот ред со Јусуф Каба од Струга Трим Лум, а пристигна и Стефан Ивановски од Пелистер. Од клубот во текот на подготовките беа испраќани пораки за повисоки амбиции во новата сезона, што дополнително ја проширува групата екипи кои можат да им ги расипат плановите на поранешните прволигаши.

Силна традиција имаат и Охрид, Беласица, Тетекс, Осогово и Кожуф. Охрид минатата сезона дури беше есенски шампион во Втората лига, пред во вториот дел од сезоната да ја загуби трката со Брегалница, Скопје и Шкендија Арачиново.

Од минатогодишната Втора лига во елитата се преселија три клуба. Брегалница како шампион обезбеди директен пласман, додека Скопје ја совлада Брера во баражот, а Шкендија Арачиново беше подобра од Пелистер по изведување пенали. Токму нивното заминување отвори простор за нова распределба на силите во второлигашката конкуренција.

Во новата Втора лига настапуваат 14 екипи: Беласица, Брера Струмица, Детонит Плачковица, Еуромилк, Камјани, Кожуф, Македонија ЃП, Новаци, Охрид Лихнидос, Осогово, Пелистер, Работнички, Шкупи и Тетекс. Според системот на натпреварување, првите две позиции носат промоција, додека третопласираниот ќе бара место во елитата преку бараж.

Првата сабота веднаш ќе понуди неколку интересни пресметки. Брера го пречекува Еуромилк, Македонија ЃП игра против Тетекс, Работнички против Кожуф, Шкупи против Детонит Плачковица, Охрид против Новаци, а Беласица против Осогово. Пелистер сезоната ќе ја отвори во недела против новиот второлигаш Камјани.

Во лига со Работнички, Пелистер, Шкупи, Македонија ЃП, Брера, Беласица, Тетекс и Охрид, Втората лига сезонава добива многу повеќе од вообичаената битка за две позиции. За неколку традиционални фудбалски средини 15 август е почеток на сезона во која враќањето во елитата не е само спортска цел, туку и обид престојот во вториот ранг да трае што е можно пократко.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?