Мислел дека нашол 1 евро, а ископал злато од 9 милиони во Белгија

Злато од 9 милиони евра во Белгија е пронајдено сосема случајно, за време на обична летна работа. Осумнаесетгодишниот Кобе копал ров за канализациска цевка во стара зграда во Синт-Гилис-Дендермонде кога забележал нешто што првично му заличило на монета од едно евро. Неколку моменти подоцна, работниците сфатиле дека пред нив не стојат ситни пари, туку златни монети, грутки и шипки со проценета вредност од околу девет милиони евра.

Приказната, која за само два дена стана светска вест, започнала во вторникот при реновирање на поранешна пиварница и вилата на нејзиниот некогашен сопственик во белгискиот град Дендермонде, околу 30 километри северозападно од Брисел.

Кобе таму работел сезонска работа. Додека со колегите подготвувал простор за нов канализациски систем, забележале метални предмети во земјата. Првата претпоставка била дека се обични монети. Потоа извадиле златна шипка.

Со понатамошното копање станало јасно дека некој намерно сокрил цело богатство.

Златото не било оставено во сеф, ниту случајно заборавено во подрумот. Според информациите што ги објавија белгиските медиуми, богатството било скриено во заѕидан дел од подрумскиот ѕид под вилата. Во него имало златни монети, златни грутки и повеќе нумерирани шипки.

Американскиот магазин People, повикувајќи се на белгиската полиција и VRT, објави дека меѓу пронајденото имало 49 златни шипки и големо количество монети. Целото богатство било попишано и веднаш пренесено на безбедна локација под државна заштита.

Токму тука приказната од случајно пронајдено богатство се претвора во мистерија стара најмалку неколку децении.

Објектот во кој било пронајдено златото е поврзан со некогаш богатото пиварско семејство Ван Аше. Вилата била изградена кон крајот на 19 век за Теофил Ван Аше, сопственик на пиварницата. Производството на пиво на локацијата започнало во 1899 година и траело до 1970 година. На железната порта на имотот и денес се наоѓаат иницијалите „VA“.

Поранешниот градоначалник на Дендермонде и локален историчар Пит Бајсе смета дека една од можните траги води токму кон семејството Ван Аше. Според него, станувало збор за исклучително богато семејство и не би било невозможно дел од нивното богатство во одреден момент да било претворено во злато и скриено на имотот. Тоа, сепак, засега е само претпоставка, а не утврдено потекло на богатството.

Белгиското обвинителство сега се обидува да го одговори најважното прашање: од каде потекнуваат деветте милиони евра во злато?

Обвинителката Хане Олевиер од Источна Фландрија потврди дека се проверува дали златото е легално стекнато, дали некогаш било украдено или можеби е поврзано со криминална активност. Додека не завршат тие проверки, никој не може едноставно да го прогласи богатството за свое.

Сегашен сопственик на објектот е CAW Oost-Vlaanderen, организација која обезбедува социјална помош и поддршка за луѓе во тешка состојба. Зградата се реновира за во неа да бидат сместени канцеларии и станбени капацитети.

Доколку на крајот организацијата добие законско право врз богатството, нејзиното раководство веќе најави дека парите би можеле да се искористат за зголемување на капацитетите за помош и сместување на луѓе кои се соочуваат со бездомништво. Но до таков исход може да има долг правен пат.

Потенцијални права би можеле да побараат сегашниот сопственик на имотот, фирмата чии работници го откриле богатството, но и наследници на семејството што некогаш живеело таму. Според белгиските правила за пронајдено богатство, мора да се остави период во кој законскиот сопственик може да се појави и да го докаже своето право, а во случајот се споменува период од најмалку пет години.

За 18-годишниот Кобе, пак, најнеобичниот работен ден од летото завршил без ниту една златна шипка во џебот.

Тој и колегите веднаш ги известиле полицијата и сопственикот на објектот. Кобе признал дека при толкаво откритие низ глава им поминала и помислата што би било ако го задржат, но девет милиони евра во злато тешко можат незабележано да исчезнат. Сега се надева дека работниците барем би можеле да добијат награда за пронаоѓањето.

Откритието во меѓувреме привлече и луѓе кои се надеваа дека во урнатините останало уште нешто. Полицијата во Дендермонде мораше јавно да предупреди љубопитни трагачи по богатство да не влегуваат на градилиштето. Надлежните велат дека локацијата е целосно пребарана, златото е отстрането, а објектот во фаза на рушење е опасен за неовластен влез.

Така, канализациска цевка што требало да биде само уште една задача на едно белгиско градилиште отвори приказна вредна девет милиони евра – со 18-годишен студент, стара пиварска династија, заѕидан подрум и богатство чиј вистински сопственик допрва треба да биде откриен.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?