Согласно владина одлука, АД ЕСМ потпиша стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК за експлоатација на околу три милиони тони јаглен од рудникот Обилиќ во наредните три години.
Договорена е гарантирана фиксна цена од 24, 4 евра за тон, соопшти компанијата.
Партнерството предвидува гарантирана и фиксна цена од 24,4 евра по тон јаглен за времетраење на договорот, со точно дефинирани параметри за квалитет кои ќе бидат основа за купопродажба. Загарантираните количини и договорната цена, ќе овозможат директна заштита на домашниот енергетски систем од недостаток на квалитетен јаглен за генерирање на електрична енергија во термоелектраните, но и заштита од неизбежните чести и драстични осцилации на цените на енергенсите на меѓународните берзи. Дополнително, тоа ќе ѝ овозможи на Компанијата огромни финансиски заштеди со набавка на јаглен по најповолна можна цена и со супериорни карактеристики во однос на сите досегашни набавки.
Согорувањето на косовскиот јаглен значително ќе ја зголеми ефикасноста на термоелектраните. Ова директно ќе донесе дополнително годишно производство од 800 GWh електрична енергија и приход од околу 57 милиони евра. Финансискиот ефект дополнително ќе се подобри со заштедите од намалената потреба за користење мазут при согорувањето. Воедно, државата ќе оствари и индиректни еколошки придобивки и финансиски заштеди, со годишно намалување на CO2 емисиите за 923.000 тони поради помалку согорен јаглен и за уште 55.980 тони поради намалената употреба на мазут.
Имајќи во предвид дека околу 70% од вкупното годишно производство на електрична енергија, во моментов, но и во наредните три години ќе ни доаѓа од термоелектраните, со потпишувањето на договорот, АД ЕСМ обезбедува релативно долгорочна енергетската безбедност и стабилност за граѓаните и за индустријата, се наведува меѓу другото во соопштението.
